Музејот на Народната банка врши истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување и проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на нумизматичкиот музејски материјал и нумизматичките музејски предмети. Преку своите изложби и издавачки активности Музејот едукативно дејствува во насока на подигање на јавната свест за значењето на културното наследство.
Почетоците на Музејот датираат од 1999 година, кога Народната банката во своите основни функции го вклучи и откупот на стари и ретки пари од македонската почва. Во текот на своето постоење, збирката постојано беше збогатувана, па денес со околу 22 000 примероци, таа претставува најголема јавна нумизматичка збирка во државата.