Соработка
Во рамките на остварувањето на задачите утврдени со закон, Народната банка соработува со бројни институции.
Соработка со Собранието на Република Северна Македонија
Односите помеѓу Народната банка и Собранието на Република Северна Македонија се уредени со член 40 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.
Советот на Народната банка и секој негов член се одговорни пред Собранието на Република Северна Македонија за постигнување и одржување на ценовната стабилност и за остварување на задачите на Народната банка. По барање на Собранието, или по сопствена иницијатива, гувернерот на Народната банка периодично може да се обрати пред Собранието или неговите комисии, во врска со прашања од монетарната политика и финансискиот систем и состојбата на економијата. Народната банка може да доставува мислења до Собранието во врска со предлог-законите коишто се поврзани со целите и задачите на Народната банка.
Соработка со Владата на Република Северна Македонија
Народната банка при остварувањето на своите цели соработува со Владата на Република Северна Македонија, како што е предвидено со членовите 41, 42 и 43 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија.
Така, режимот на девизниот курс се договара заеднички меѓу Народната банка и Владата. Народната банка врши банкарски работи за потребите на Владата и на нејзино барање, може да врши работи на финансиски советник на Владата. Покрај тоа, Народната банка може во име на Владата да прима странски заеми, да управува со нив и да ги администрира, како и да ги порамнува побарувањата и финансиските обврски на Република Северна Македонија кон странство. Народната банка може да прима депозити од Владата и други органи на државната управа. Како депозитар, Народната банка прима и исплаќа пари од сметките и дава други финансиски услуги поврзани со оваа активност. Понатаму, Народната банка може да врши и работи на фискален агент за Владата, под услови договорени со Владата, а врз основа на одлука на Владата, Народната банка може да издаде и пригодни ковани пари.
Гувернерот на Народната банка и министерот за финансии одржуваат редовни состаноци за монетарната и фискалната политика и меѓусебно се информираат за други прашања од заеднички интерес. Народната банка и Владата може да разменуваат информации поврзани со извршувањето на задачите на Народната банка, со исклучок на специфични информации коишто се однесуваат на субјектите што се предмет на супервизија. Заради информирање на Владата, на нејзино барање, Народната банка обезбедува податоци за приемот на средства од страна на Народната банка, од кои било извори.
Владата се консултира со Народната банка при подготовката на прописите коишто се однесуваат на прашања поврзани со целите, задачите и надлежностите на Народната банка.
Соработка во областа на финансиската стабилност
Народната банка учествува во работата на Комитетот за финансиска стабилност. Комитетот е формиран како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во Република Северна Македонија и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем коишто можат да влијаат врз одделните сегменти и врз финансискиот систем во целина, при преземањето макропрудентни мерки и при управувањето со финансиска криза.
Членови на Комитетот се: гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателот на КХВ, претседателот на Советот на експерти на АСО, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, пет претставници од Народната банка определени од гувернерот на Народната банка и три претставници од Министерството определени од министерот за финансии. Од наведените, гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателот на КХВ, претседателот на Советот на експерти на АСО и претседателот на Советот на експерти на МАПАС се членови на Комитетот со право на глас.
Соработка во областа на статистика
Народната банка е овластен носител на статистичките истражувања, па оттука дава свој придонес во развојот, производството и објавувањето на официјалните статистики, следењето на критериумите наведени во Законот за државна статистика. Народната банка соработува со Државниот завод за статистика и со другите овластени носители на статистички истражувања на повеќе нивоа, вклучително и преку учество во Советот за статистика на Република Македонија, како стручно советодавно тело за државната статистика и во Координативниот комитет.
Соработка со останатите институции
Заради остварување на своите задачи утврдени со закон, Народната банка склучува договори и меморандуми за соработка со бројни институции.
Така, Народната банка има склучено договори и меморандуми со
− Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување;
− Комисијата за хартии од вредност;
− Комисијата за заштита на конкуренцијата.