Eфективен девизен курс (РЕДК)
Целта на ефективните девизни курсеви е да обезбедат значајни и споредливи мерки на ценовната и трошковната конкурентност помеѓу земјите. Ефективните девизни курсеви претставуваат геометриски пондерирани просеци од билатералните девизни курсеви на валутата на одредена земја со валутите на најголемите трговски партнери на земјата. Со коригирање за релативните движења на националните ценовни или трошочни показатели (домашната економија и странските трговски партнери) се добива реалниот ефективен девизен курс (РЕДК). Како ценовни показатели (дефлатори) за пресметка на РЕДК се користат индексот на потрошувачките цени, индексот на цените на производителите и индексот на трошоците по единица труд.
Порастот на индексот на реалниот ефективен девизен курс на денарот се толкува како апрецијација на домашната валута и намалување на ценовната конкурентност, додека надолните движења на индексот укажуваат на депрецијација и соодветен пораст на конкурентноста.
Почнувајќи од 10 март 2026 година, Народната банка започнува со објавување податоци за реалниот ефективен девизен курс (РЕДК), засновани на нова, унапредена методолошка основа. Во рамките на ова методолошко унапредување, направена е ревизија на земјите трговски партнери, при што пондерациската структура ја одразува поновата структурата на надворешната трговија на домашната економија. При определувањето на земјите партнери, односно соодветните валути и пондери, земена е предвид и достапноста на податоците, од аспект на нивната хармонизираност, фреквентност и квалитет. Подетални информации за направените методолошки промени за пресметката на индексите се достапни во рамките на Методолошките објаснувања дадени подолу.
Најнови остварувања:
Во јуни 2026 година, во однос на истиот месец од минатата година, реалниот ефективен девизен курс пресметан според дефлаторот трошоци на живот забележа депрецијација од 0,9%, а според цените на производителите на индустриски производи депрецијација од 1,7%. Ваквите движења на РЕДК се во услови на пад на релативните трошоци на живот за 1% и на релативните цени на производителите на индустриски производи за 1,8%. НЕДК оствари годишна апрецијација од 0,1%, предизвикана главно од апрецијацијата на денарот во однос на турската лира.
Архива на ефективен девизен курс (РЕДК)
За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на
[email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)