Народната банка континуирано воспоставува и ја унапредува соработката со останатите централни банки и меѓународните финансиски институции.

Основа на техничката соработка е размена на знаењето, искуствата и споделување на најдобрите практики, што, пак, има за цел јакнење на институционалните капацитети преку зголемување на нивото на професионалност, ефикасност, независност и транспарентност на централните банки.

Билатерална техничка соработка

Во рамките на билатералната соработка, Народната банка, веќе повеќе години наназад, редовно соработува со повеќе централни банки, меѓу кои, како најзначајни стратегиски партнери се Холандската централна банка, потоа Централната банка на Германија, Народната банка на Полска, како и Европската централна банка.

Народната банка, исто така, е фокусирана на унапредувањето на регионалната соработка, и во таа насока во изминатиот период има потпишано договори за меѓусебна соработка со Народната банка на Србија, со Централната банка на Црна Гора, со Централната банка на Република Косово и со Народната банка на Хрватска.

Мултилатерална техничка соработка

Народната банка, исто така, во однос на добивање техничка помош остварува плодна соработка со Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во повеќе области од централнобанкарското работење и банкарската супервизија.