Поставеност, овластувања и организација на Народната банка
Народната банка на Република Северна Македонија е централна банка, воспоставена со Уставот на Република Северна Македонија надвор од организацијата на државната власт како самостојна институција, одговорна за стабилноста на валутата, за монетарната политика и за општата ликвидност на плаќањата. Организацијата и работата на Народната банка се уредени со Законот за Народната банка.
Во согласност со законската рамка, Народната банка има административна, финансиска и управувачка самостојност и е независна во остварувањето на целите и задачите, а за својата работа е одговорна пред Собранието на Република Северна Македонија.
Основна цел на Народната банка е постигнување и одржување на ценовната стабилност. Друга цел на Народната банка, подредена на основната цел, е да придонесува кон постигнување и одржување на финансиската стабилност. Како дополнителна цел, Народната банка ја поддржува општата економска политика без да го загрози остварувањето на основната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.