Финансиски сметки
Статистиката на финансиските сметки е составен дел на интегрираниoт систем на национални сметки, којaшто ги прикажува состојбите и тековите на финансиските средства и обврски на одделните сектори во одреден временски период. Процесот на изработка на статистиката на финансиските сметки е сложен, бидејќи претпоставува користење различни извори податоци, коишто многу често се наменети за други статистички области и може да бидат поставени на различни методолошки основи. За сето ова е потребен вонреден напор за соодветна комбинација и воспоставување хиерархија на изворите на податоци од примарните статистики и бројни други дополнителни извори на податоци.
Употребливата вредност на статистиката на финансиските сметки е голема, со оглед на тоа што таа овозможува детални информации за состојбата и промените на финансиските средства и обврски на одделните сектори, нивната структура по одделни финансиски инструменти, како и меѓусебната финансиска изложеност, вклучувајќи и информации за нето-задолжувањето и/или нето-позајмувањето помеѓу секторите во домашната економија и со секторот странство, во даден временски период. Поради тоа, финансиските сметки се важен извор на информации за носителите на економските политики.
Народната банка ги објавува податоците за годишните финансиски сметки – состојби на редовна основа почнувајќи од декември 2020 година, а од октомври 2023 година овие податоци се објавуваат со квартална динамика. Од декември 2025 година, Народната банка на редовна основа објавува и квартални податоци за трансакциите.
Должнички хартии од вредност
Прегледот за должнички хартии од вредност (ХВ) ги прикажува финансиските врски врз основа на финансискиот инструмент должнички ХВ помеѓу секторите во националната економија, како и помеѓу секторите во националната економија и секторот странство. Податоците се прикажани во матрица којашто го следи принципот „од кого на кого“, според секторот на имателите и секторот на издавачите на должнички ХВ. Поконкретно, податоците се однесуваат на состојбите на поседувани домашни и странски должнички ХВ од страна на резидентните иматели, како и за состојбите на поседувани домашни должнички ХВ од нерезидентни иматели. Податоците се изготвуваат согласно со меѓународните и европските статистички стандарди.
Прегледот за должнички ХВ е систематизиран детален приказ на податоците за должнички ХВ, коишто се расположливи на поагрегирано ниво во рамките на статистиката за финансиски сметки каде што се прикажани податоци за сите финансиски инструменти.