Во Република Северна Македонија, мандатот и надлежностите за спроведување на макропрудентната политика се уредени со Законот за финансиска стабилност, којшто стапи во сила на 9 август 2022 година. Со овој закон се формира Комитетот за финансиска стабилност, како меѓуинституционално тело одговорно за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во Република Северна Македонија и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем, при преземањето макропрудентни мерки и при подготовката и управувањето со финансиска криза. Целта на Комитетот е да придонесе за постигнување и одржување на финансиската стабилност во земјата.

За остварување на својата цел, Комитетот ги врши следниве задачи:

  • Ја усвојува Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика и се грижи за нејзиното спроведување;
  • Ги следи и ги оценува состојбите во финансискиот систем;
  • Дава укажувања и изрекува препораки заради спречување или намалување на системските ризици и одржување на финансиската стабилност и го следи нивното спроведување;
  • Ги разгледува макропрудентните мерки коишто ги презеле одделните надлежни органи и ги оценува ефектите од овие мерки;
  • Дава насоки за работа на поткомитетите и ги разгледува анализите, информациите, предлозите и записниците добиени од поткомитетите;
  • Ја оценува потребата од унапредување на соодветната законска и подзаконска регулатива;
  • Ја оценува подготвеноста на надлежните органи и Фондот за осигурување депозити за справување со финансиска криза;
  • Ја координира соработката меѓу надлежните органи во услови кога не постои финансиска криза;
  • Ја координира соработката меѓу надлежните органи и Фондот за осигурување депозити во услови на потенцијална или настаната финансиска криза заради соодветно управување на финансиската криза;
  • Соработува со соодветни органи или тела во странство надлежни за водење макропрудентна политика и со меѓународни финансиски организации и
  • Врши други активности за остварување на целта и извршување на задачите во согласност со закон.

Во составот на Комитетот членуваат претставници од сите регулатори на финансискиот систем и тоа: гувернерот на Народната банка, министерот за финансии, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), претседателот на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), пет претставници од Народната банка именувани од гувернерот и три претставници од Министерството именувани од министерот за финансии. Доколку има потреба, на седниците на Комитетот може да бидат повикани директорот на Фондот за осигурување депозити или други лица кои се стручни во областа којашто е предмет на дискусија на седниците. Со Комитетот претседава гувернерот на Народната банка, а во услови на финансиска криза може да претседава и министерот за финансии доколку така одлучат гувернерот и министерот. Комитетот се состанува најмалку двапати годишно и работи на седници, коишто не се јавни. Членови на Комитетот со право на глас се гувернерот, министерот за финансии, претседателот на КХВ, претседателот на Советот на експерти на АСО и претседателот на Советот на експерти на МАПАС. Комитетот одлучува со мнозинство гласови од членовите со право на глас и донесува заклучоци и дава укажувања и препораки во писмена форма. На седниците коишто се одржуваат во услови на (потенцијална) финансиска криза, одлуките се носат со консензус на гувернерот и министерот.

Во рамките на Комитетот функционираат два поткомитета, како помошни тела за поддршка на активностите на Комитетот, и тоа: Поткомитетот за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитетот за подготовка за управување со финансиска криза.

Закон за финансиска стабилност