КОНФЕРЕНЦИЈА НА ВИСОКО НИВО: „ЦЕНТРАЛНИТЕ БАНКИ И ЦЕНТРАЛНОБАНКАРСКОТО РАБОТЕЊЕ ВО КОМПЛЕКСНО ОПКРУЖУВАЊЕ: ПОКАЖУВАЊЕ ПОСВЕТЕНОСТ И ОДРЖУВАЊЕ НА КРЕДИБИЛИТЕТОТ “
Народната банка ја продолжува долгогодишната традиција за организирање конференција на високо ниво, каде што се сретнуваат претставници на носителите на макроекономските политики, на меѓународните институции и истакнати истражувачи од економската сфера, кои преку дискусии на актуелни теми придонесуваат кон натамошен економски развој и просперитет, нудејќи нови идеи, визии и политики.
На конференцијата што се организира во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ), дискусиите ќе бидат насочени кон предизвиците за задржување на независноста и кредибилитетот во работењето на централните банки, при истовремено зајакнување на капацитетите за исполнување на новите задачи коишто ги добиваат централните банки во изминатава декада. Притоа, акцентот ќе биде ставен и на научените лекции од последниве кризни епизоди и среднорочните предизвици за централните банки.
Конференцијата ќе се одржи на 1 октомври 2024 година, во Скопје.
И оваа година на Конференцијата се очекуваат важни и инспиративни гости, како што се гувернерите на централните банки од регионот на ЈИЕ, но и од други европски земји, високи претставници на институциите од ЕУ, на меѓународните финансиски институции и истакнати професори.