Директни инвестиции - Состојби
Состојбата претставува позиција на директните инвестиции на крајот на одреден период и вклучува податоци за сопственички капитал (со реинвестирање на добивката) и за должнички инструменти.
Во зависност од структурата на директните инвестиции, статистичкото истражување на НБРСМ за директните инвестиции во земјата опфаќа податоци за состојбата на новите, постојните и останатите инвестиции. Новите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во нови претпријатија (гринфилд-инвестиции). Постојните инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во постојни претпријатија преку преземање претпријатија или спојување на претпријатија. Останатите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од основање подружници, филијали, фондации и останато.
Податоците за состојбата на директните инвестиции се вреднуваат по книговодствена вредност. Промените во состојбата помеѓу два извештајни периода произлегуваат од: трансакции, ценовни и/или курсни промени и промени во обемот.
Најнови остварувања:
На 31.12.2021 година, состојбата на директни инвестиции во Република Северна Македонија изнесува 6.298 милиона евра (или 53,7% од проценетиот податок за БДП) од кои 4.648 милиони евра се вложувања во сопственички капитал, додека 1.650 милиони евра се вложувања во должнички инструменти.
Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции, во вредност од 913 милиони евра се регистрирани од Австрија, по што следува Обединетото Кралство, со директни инвестиции во вредност од 652 милиона евра. Во групата на пет најголеми странски инвеститори во земјата спаѓаат и Грција (со 612 милиона евра), Холандија (со 503 милиони евра) и Германија (со 471 милион евра). На овие пет земји отпаѓа 50% од вкупните директни инвестиции во анализираниот период.
Анализирано по дејности на инвестирање, од вкупните директни инвестиции, 2.191 милион евра или 34,8% се инвестирани во дејноста „Производство”, додека 1.362 милиона евра или 21,6% во дејноста „Финансиски и осигурителни активности”.

За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на
[email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)