Законско средство за плаќање во Република Северна Македонија е денарот, кој како национална валута, е воведен на 26 април 1992 година, на денот на нејзиното монетарно осамостојување, најпрвин како вредносни бонови, а една година подоцна и како прво оригинално издание на денарот. Своето име, нашата национална валута го добила според истоимената античка римска валута - денар (лат. denarius), којашто се употребувала и на нашата територија во минатото.

Согласно со воспоставената законска регулатива, Народната банка на Република Северна Македонија има ексклузивно право да издава книжни и ковани пари и е одговорна за снабдување со книжни и ковани пари коишто се законско средство за плаќање во Република Северна Македонија. Советот на Народната банка ја определува номиналната вредност, големината, тежината, дизајнот, безбедносните и останатите карактеристики на книжните и кованите пари издадени во Република Северна Македонија.