Аукции на благајнички записи

Основната функција на инструментот е управување со ликвидноста на банкарскиот систем преку продажба на краткорочни хартии од вредност од страна на Народната банка на примарниот пазар. Каматната стапка на благајничките записи е основна каматна стапка, којашто ја определува насоката на монетарната политика.

Аукциите на благајничките записи се одржуваат секоја среда, на рочност од 7 дена, а износот на продадени благајнички записи се утврдува во зависност од краткорочните ликвидносни проекции. Право на учество на аукциите имаат банките и штедилниците коишто имаат обврска за исполнување односно одржување задолжителна резерва кај Народна банка.

Народната банка применува два основни типа тендери кај аукцијата на благајнички записи:

a) Тендер со каматни стапки: во проспектот што се упатува до банките, Народната банка го објавува износот на благајнички записи што го нуди за продажба, а банките аукцираат со износи и каматни стапки;

б) Тендер со износи: во проспектот што се упатува до банките, Народната банка објавува фиксна каматна стапка по која ќе се реализира продажбата на благајничките записи, а банките аукцираат само со износи.

Со благајничките записи може да се тргува на секундарниот пазар и служат како обезбедување за кредитите од централната банка.