Oфицијални девизни резерви и девизна ликвидност
Рамката за изготвување на стандардните извештаи за девизните резерви и девизната ликвидност се заснова на два меѓусебно поврзани концепти - официјалните девизни резерви и девизната ликвидност.
Податоците се однесуваат на состојбата на девизните резерви и останати девизни средства на НБРСМ на определен датум. Девизните резерви се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс и/или за други цели. Останатите девизни средства се составени од девизните средства на централната банка коишто не ги исполнуваат основните критериуми за нивно вклучување во девизните резерви.
Девизна ликвидност е поширока дефиниција на девизните резерви, опфаќајќи ги од една страна, девизните средства расположливи веднаш на властите (монетарната власт и централната влада) за задоволување на побарувачката за девизи, а од друга страна, краткорочните девизни обврски и вонбилансните активности, преку планираните и потенцијалните нето-одливи на девизни средства врз оваа основа.
Најнови остварувања:
На крајот на април 2023 година, официјалните девизни резерви изнесуваат 4.123,7 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (64,8%), по што следуваат валутите и депозитите (25,4%) и монетарното злато (9,7%).





Архива на официјални девизни резерви и девизна ликвидност
За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)