Начин на работа на Советот на Народната банка
Начинот на кој се организираат седниците на Советот на Народната банка и начинот на гласање на членовите на Советот на Народната банка на седниците е уреден со Деловникот за работа на Советот на Народната банка.
Начинот на работа на Советот на Народната банка обезбедува колективна работа, одлучување, одговорност и рамноправност на членовите на Советот на Народната банка во остварувањето на нивните права, должности и одговорности утврдени со Законот за Народната банка на Република Северна Македонија и други закони.
Членовите во Советот на Народната банка имаат должност да присуствуваат на седниците на Советот на Народната банка, да учествуваат во одлучувањето, да му предлагаат на Советот на Народната банка разгледување прашања и да даваат иницијатива за подготвување одлуки и други акти за чие донесување е надлежен Советот на Народната банка.
Советот на Народната банка одржува седници по потреба, во зависност од активностите на Народната банка, но најмалку десетпати годишно.
Со седниците на Советот на Народната банка претседава гувернерот на Народната банка, а во случај на негова спреченост, вицегувернерот овластен од гувернерот на Народната банка кој го заменува, по однапред определен редослед.
За работењето и одлучувањето на Советот на Народната банка е потребен кворум од најмалку две третини од членовите на Советот на Народната банка, вклучувајќи го и гувернерот или во негово отсуство, вицегувернерот кој претседава со седницата, во согласност со однапред определениот редослед. Доколку кворумот не е исполнет, гувернерот може да свика вонредна седница на која може да се донесат одлуки без кворум, коишто треба да бидат одобрени на следната редовна седница на Советот на Народната банка.
Секој член на Советот на Народната банка има еден глас и во случај на ист број гласови, претседавачот го има одлучувачкиот глас. Советот на Народната банка одлучува со просто мнозинство гласови од членовите присутни на седницата на Советот на Народната банка.
Советот на Народната банка може да одлучи за употреба на друг инструмент на монетарната политика којшто не е утврден со Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови.
Седниците на Советот на Народната банка и гласањето на членовите на Советот на Народната банка се организираат на еден од следниве начини:
− со физичко присуство;
− со виртуелно присуство;
− со електронско изјаснување и
− со комбинација на физичко и/или виртуелно присуство и последователно електронско изјаснување.
За текот на седниците на Советот на Народната банка се води записник.