Надворешен долг
Надворешниот долг на една економија ги претставува тековните обврски помеѓу резиденти и нерезиденти врз основа на должнички инструменти, на одреден датум. Статистичкото истражување на надворешниот долг опфаќа стандардни извештаи за бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања.
Најчесто користен показател за надворешниот долг е бруто надворешниот долг, кој во даден момент е еднаков на износот на тековните и безусловни обврски коишто бараат плаќања на главнина и/или камата од страна на должникот во некое идно време и коишто се должат кон нерезиденти од страна на резидентите на една економија.
Статистиката за надворешниот долг исто така вклучува индикатори за нето надворешен долг т.е. разлика помеѓу состојбата на бруто надворешниот долг и бруто надворешните побарувања. Нето надворешниот долг, во својата структура е идентичен со бруто надворешниот долг и побарувања, при што стандардниот приказ на сите категории е поделба по институционални сектори, рочност и видови должнички инструменти.
Најнови остварувања:
На крајот нa 2022 година, бруто надворешниот долг изнесува 10.856 милиони евра (84,2% од проценетиот БДП за 2022 година) и забележа квартално намалување од 241 милион евра, додека бруто надворешните побарувања се намалија за 673 милиони евра и изнесуваат 6.507 милиони евра (50,5% од проценетиот БДП). Поголемото квартално намалување на побарувањата во однос на намалувањето на обврските доведе до зголемување на нето надворешниот долг за 432 милиона евра, со што на крајот на декември 2022 година тој изнесува 4.349 милиони евра (33,7% од проценетиот БДП). Притоа, зголемувањето на нето надворешниот долг во четвртиот квартал произлегува од зголемувањето на приватниот нето-долг за 389 милиони евра и на јавниот нето-долг за 43 милиони евра. Прочитај повеќе...





Архива на надворешен долг
За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)