Статистика на финансиските сметки
Финансиските сметки се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство. Финансиските сметки се изработуваат на неконсолидирана и консолидирана основа. Состојбите ја претставуваат вредноста на поседуваните финансиски средства и неплатените, преостанати финансиски обврски, на крајот на извештајната година. Разликата помеѓу нив ја претставува „нето финансиската вредност“ на соодветниот сектор/потсектор, односно на вкупната економија. Со други зборови, нето финансиската вредност (НФВ) е еднаква на разликата помеѓу вкупните финансиски средства и вкупните финансиски обврски на вкупната економија/поодделен сектор. Доколку националната економија/сектор има вишок финансиски средства, тогаш НФВ е позитивна, односно економијата/секторот е „нето-доверител“. Доколку националната економија/сектор има недостиг од финансиски средства, тогаш НФВ е негативна, односно економијата/секторот е „нето-должник“.
Податоците се искажани во домашна валутa (во милиони денари).
Остварувања во финансиските сметки
Вкупната нето финансиска вредност (НФВ) на националната економија е негативна и на крајот на четвртиот квартал од 2024 година изнесува 618,6 милијарди денари или 65,2% од БДП, што претставува продлабочување за 3,9 п.п. во однос на претходниот квартал. Во однос на крајот на претходната година, негативната НФВ е продлабочена за 5,9 п.п., како резултат на влошената позиција на финансиските друштва, нефинансиските друштва и државата, во услови на подобрена нето-позиција на домаќинствата.
Од секторски аспект, домаќинствата и секторот „странство“ се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата), коишто се нето-должници. Истовремено, финансискиот сектор има речиси избалансирана нето финансиска позиција. Прочитај повеќе...