Мерки насочени кон кредитокорисниците
Макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка
Мерките насочени кон кредитокорисниците се посебен вид макропрудентни мерки што имаат за цел да ја зајакнат отпорноста и на кредиторисниците, и на банките на негативни економски и финансиски шокови. Со ваквите мерки вообичаено се придонесува за ублажување на ризиците од презадолженост на домаќинствата и тие најчесто се користат за делот од пазарот што се однесува на станбеното кредитирање. Со нив се воведува определен минимум обврски за банките околу пропустливоста на кредитните барања, зависно од избраните карактеристики на клиентите, односно се поставува определен регулаторен максимум на избраните кредитни стандарди поврзани со кредитокорисниците. Мерките најчесто се однесуваат на максималниот обем на должничкиот товар на клиентите, и тоа во сооднос со нивните редовни приходи и/или во сооднос со вредноста на обезбедувањето коешто можат да го понудат за кредитите. На тој начин, со овие мерки се делува превентивно, односно се намалува можноста за презадолженост на одделните физички лица клиенти на банките, со што и веројатноста за остварување на кредитниот ризик во портфолијата на банките се намалува. Покрај тоа, при евентуална неможност на клиентите да ги отплаќаат своите обврски, банките се осигуруваат дека воспоставеното обезбедување за одобрените кредити ќе биде доволен и квалитетен извор на секундарна наплата, што, пак, ќе ги минимизира и загубите на банките.
На 1 јули 2023 година, започна да се применува Одлуката за макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица со која се воведоа дефинициите за следниве макропрудентни инструменти, односно показатели: ЛТВ, ТДТИ и ДСТИ. „Показателот ЛТВ“ (англ. Loan To Value) го претставува соодносот помеѓу износот на кредитната изложеност кон физичкото лице и вредноста на недвижноста над која е воспоставен залог заради обезбедување на таа кредитна изложеност. „Показателот ДСТИ“ (англ. Debt Service To Income) ја претставува способноста на физичкото лице за отплата на обврските, а се утврдува како сооднос помеѓу износот на вкупните обврски на физичкото лице врз основа на кредитните изложености на сите банки и штедилници кон тоа лице и на вкупните обврски на лицето кон други финансиски институции на месечна основа и вкупните приходи на тоа физичко лице, на месечна основа. „Показателот ТДТИ“ (англ. Debt to income) се утврдува како сооднос меѓу износот на вкупните обврски на физичкото лице врз основа на кредитните изложености на сите банки и штедилници кон тоа лице и на вкупните обврски на лицето кон други финансиски институции и вкупните приходи коишто лицето ги остварува на годишно ниво.
Во јули и август 2025 година, оваа одлука се замени со два подзаконски акта, во согласност со измените на Законот за Народната банка, со кој експлицитно се регулира макропрудентниот мандат на Народната банка и се разграничија улогите на Советот на Народната банка, како надлежен за утврдување на методологиите за макропрудентните инструменти и на Извршниот одбор, како надлежен за преземање на макропрудентните мерки. Така, Советот ја донесе Одлуката за методологијата за видот и содржината на макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, а макропрудентните мерки, односно лимитите на соодветните показатели се пропишани со одлука на Извршниот одбор. Во септември 2025 година, Извршниот одбор донесе нова Одлука за макропрудентните мерки поврзани со макропрудентните инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица, чијашто примена ќе започне на 1 декември 2025 година. Со оваа одлука се направи заострување на пропишаните лимити, поттикнато од сѐ поголемото кредитирање на домаќинствата, особено станбените кредити, како и растот на цените на становите којшто достигна двоцифрени вредности коишто се над долгогодишниот просек. Промените во ограничувањето на висината на овие показатели се направени во услови на изразени ризици и неизвесност во надворешното окружување, а целта на овие мерки е да се спречи создавањето прекумерна задолженост на домаќинствата во вакви услови, со крајна цел да се одржи стабилноста на банкарскиот систем и финансиската стабилност во целина. Така, висината на ЛТВ се ограничи на 75%, наспроти претходниот лимит од 85%, додека лимитите на ДСТИ се заострија за 5 процентни поени, до 50% за денарските кредити и 45% за кредитите со валутна компонента. Сепак, за да не се попречи во решавањето на станбеното прашање, се воведоа поповолни мерки и лимити на овие показатели за лицата кои купуваат стан/куќа за сопствено живеење и притоа немаат друг станбен кредит и немаат друг станбен простор во нивна сопственост, и тоа лимит за показателот ЛТВ од 90% и непроменети лимити за ДСТИ (55% и 50% соодветно за денарските и за кредитите со валутна компонента). Заради поголема ефективност на мерката, се задржа ограничувањето на максималната рочност на станбените кредити на 30 години и на хипотекарните кредити за друга намена на 20 години.