Законот за финансиска стабилност пропишува дека регулаторите на финансискиот систем во Република Северна Македонија − Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, се органите коишто имаат улога во спроведувањето на макропрудентната политика. Секој надлежен орган придонесува за остварувањето на основната цел на макропрудентната политика, односно за одржувањето на финансиската стабилност преку следниве активности: со прибирање и следење на податоците, информациите и показателите за системскиот ризик за сегментот на финансискиот систем во негова надлежност, со идентификување на ризиците коишто би можеле да се прошират од сегментот на финансискиот систем во негова надлежност и/или да доведат до појава на системски ризик, определување на макропрудентните инструменти, преземање супервизорски мерки во согласност со секторските закони и преземање макропрудентни мерки во согласност со Законот за финансиска стабилност и секторските закони. При остварувањето на активностите, надлежните органи постапуваат во рамките на своите надлежности утврдени со секторските закони или со Законот за финансиска стабилност.

Макропрудентната политика на Народната банка првично е насочена кон банкарскиот сектор, како најголем сегмент од финансискиот сектор и клучен за одржувањето на финансиската стабилност. Исто така, во согласност со законските овластувања да воспоставува, да регистрира и да врши надзор над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на системите за плаќање, порамнување и клиринг, Народната банка ги следи ризиците и презема мерки за одржување сигурна и стабилна инфраструктура на финансиските пазари.

Преку спроведувањето на макропрудентната политика, Народната банка цели да ги спречи, да ги намали или да ги отстрани системските ризици и да ја зајакне отпорноста на банкарскиот сектор на шокови.

Активностите на Народната банка во доменот на финансиската стабилност од повеќе аспекти се разликуваат од останатите задачи и функции на Народната банка. За разлика од супервизијата, чијашто основна цел е одржувањето сигурни и стабилни банки и заштитата на интересите на штедачите и другите кредитори коишто имаат вложено сопствени средства во банките, финансиската стабилност има поширок опфат, па покрај во банкарскиот систем, којшто е основен, ги следи остварувањата и ризиците и во останатите финансиски институции (пензиски фондови, осигурителни друштва, инвестициски фондови, друштва за лизинг, финансиски друштва итн.), како и движењата на финансиските пазари и во нефинансискиот сектор (домаќинствата и корпоративниот сектор) и севкупното макроекономско окружување што може да влијае врз финансискиот сектор. Понатаму, банкарската супервизија, како една од активностите на Народната банка, е посветена главно на стабилноста на поединечните банкарски институции, додека финансиската стабилност е насочена кон одржување на стабилноста на финансискиот сектор во целина. Анализите на финансиската стабилност се разликуваат од аналитичката рамка на Народната банка што се користи за оцена на поставеноста на монетарната политика, чијшто носечки елемент се макроекономските проекции на Народната банка. Така, за разлика од макроекономските проекции со коишто се настојува да се оцени најверојатното сценарио за динамиката на клучните макроекономски показатели во следниот период, со анализите на финансиската стабилност се оценува отпорноста на банките на екстремни, но возможни сценарија, чиешто остварување би можело да ја загрози стабилноста на банкарскиот и на севкупниот финансиски систем. Овие анализи се спроведуваат преку рамката за стрес-тестирање на банкарскиот сектор, што е важна алатка за оцена на отпорноста на банкарскиот сектор на шокови и можните ризици за финансиската стабилност.

За одржување на финансиската стабилност, неопходна е усогласеност на политиките, како во рамките на Народната банка, така и со останатите регулатори на финансискиот систем. Народната банка соработува со останатите регулатори на финансискиот систем преку Комитетот за финансиска стабилност, што ја има улогата на меѓуинституционално тело, составено од сите регулатори на финансискиот систем, со одговорности за следење на спроведувањето на макропрудентната политика во Република Северна Македонија и за координација на активностите при идентификувањето и следењето на системските ризици во одделните сегменти од финансискиот систем, при преземањето макропрудентни мерки и при подготовката и управувањето со финансиска криза.

При спроведувањето на макропрудентната политика, Народната банка настојува да делува превентивно, преку навремено идентификување и спречување на ризиците. Затоа, детално ја информира јавноста за потенцијалните ризици и извори на ранливости за финансискиот сектор. Резултатите од овие анализи се објавуваат во рамките на Годишниот извештај за финансиската стабилност. Пофреквентно, односно на квартална основа ја информира јавноста за ризиците во банкарскиот сектор, како најважен сегмент од финансискиот сектор.