Аукции на репо-трансакции

Основната функција на инструментот е регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем во услови на краткорочни промени во ликвидноста, коишто би можеле да доведат до значајни флуктуации на краткорочните каматни стапки. Аукциите овозможуваат повлекување ликвидност преку моментна продажба на хартии од вредност, со обврска за нивен реоткуп на некој иден датум по однапред утврдена цена и обратно, обезбедување ликвидни средства преку моментно купување хартии од вредност, со обврска за нивна повторна продажба на некој иден датум по однапред утврдена цена.

Аукциите за обезбедување ликвидност се одржуваат во редовни термини, а аукциите за повлекување ликвидност се одржуваат на повик на Народната банка. Износот и рокот на достасување на репо-трансакциите се утврдува во согласност со проектираните движења на автономните фактори, коишто влијаат врз ликвидноста. Право на учество на аукциите имаат сите банки.

Репо-аукциите може да се спроведуваат преку два основни типа тендери:

а)       Тендер со каматни стапки: во проспектот што се упатува до банките, Народната банка го објавува износот, а банките аукцираат со износи и каматни стапки;

б)       Тендер со износи: во проспектот што се упатува до банките, Народната банка објавува фиксна каматна стапка по која ќе се реализираат репо-трансакциите, а банките аукцираат само со износи.

Аукциските репо-трансакции се склучуваат согласно со Генералниот репо-договор, а како обезбедување се користат хартии од вредност согласно со Листата на хартии од вредност за спроведување на монетарни операции.