Финансискиот систем во Република Северна Македонија
Финансискиот систем во Република Северна Македонија се состои од депозитни и недепозитни финансиски институции. Депозитни финансиски институции се банките и штедилниците. Недепозитни финансиски институции се друштвата за осигурување, пензиските фондови, инвестициските друштва, друштвата за лизинг, финансиските друштва, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, друштвата за управување со пензиските фондови, друштвата за управување со инвестициските фондови, друштвата за управување со приватните фондови, брокерските куќи.
Банкарскиот сектор го сочинува најголемиот сегмент од домашниот финансиски сектор и е клучен за одржувањето на финансиската стабилност. Во банките се концентрирани заштедите на домаќинствата и на корпоративниот сектор, но и средствата на останатите финансиски институции. Банките се носители на платниот промет и се најголемиот домашен кредитор на приватниот сектор. Народната банка е надлежен регулатор и макро и микропрудентен супервизор над работењето на домашните банки и штедилниците. Народната банка го регулира работењето и врши надзор на давателите на платежни услуги, издавачите на електронски пари, менувачниците и операторите на платни системи во согласност со закон.
Работењето на останатите финансиски институции е предмет на регулирање и супервизија од страна на другите надлежни регулатори. Така, за регулирање и надзор на работењето на пензиските фондови е надлежна Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).
Агенцијата за супервизија на осигурувањето има надлежности во регулирање и супервизија на друштвата за осигурување, осигурителните брокерски друштва, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурителните брокери, застапниците во осигурувањето и националното биро за осигурување.
Министерството за финансии е задолжено за супервизија и регулирање на работењето на финансиските друштва и друштвата за финансиски лизинг, додека Комисијата за хартии од вредност е супервизор и регулатор на пазарот на хартии од вредност и работењето на учесниците на пазарот на хартии од вредност.
Финансиските пазари сочинуваат важен сегмент од финансискиот сектор, преку којшто се поврзуваат понудата и побарувачката на финансиски средства. За нивно непречено функционирање, неопходни се сигурни, стабилни и ефикасни системи за плаќање, порамнување и клиринг, што ќе обезбедат безбеден пренос на паричните средства помеѓу пазарните учесници. Во согласност со законските овластувања, во домашната економија, Народната банка воспоставува, регистрира и врши надзор над сигурноста, стабилноста и ефикасноста на системите за плаќање, порамнување и клиринг.
За финансиската стабилност е значаен и Фондот за осигурување на депозитите, којшто претставува специјализирана државна финансиска институција формирана со цел да обезбеди осигурување на депозитите на граѓаните во банките и штедилниците во Република Македонија и обесштетување на осигурените депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилниците, доколку кај нив настанал ризичен настан. Со осигурувањето на депозитите, Фондот придонесува за одржувањето на стабилноста и довербата на јавноста во банкарскиот и финансискиот систем на земјата.
Структура на вкупните средства во финансискиот сектор во Република Северна Македонија (со состојба на 31.12.2022 година)
Временска серија на податоци за структурата на финансискиот сектор во Република Северна Македонија
Врски до интернет-страниците на регулаторите на финансискиот систем во Република Северна Македонија и Фондот за осигурување на депозитите:
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС)
Агенција за супервизија на осигурувањето
Министерство за финансии
Комисија за хартии од вредност
Фонд за осигурување на депозити