Врз основа на Одлуката за објавување Конкурс за учениците од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври и одобрување средства O бр. 24-32994/2 од 26 септември 2024 година, Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии на Република Северна Македонија објавуваат
КОНКУРС
за учениците од основното и средното образование по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври
ТЕМА И УСЛОВИ НА КОНКУРСОТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Учениците од основното образование може да испратат литературна и / или ликовна творба на темата:
„Штедењето – наша навика и наша потреба!“
На избраните најдобри творби на учениците од основното образование ќе им бидат доделени 12 награди, и тоа:
- 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 1. до 5. одделение;
- 3 награди за најдобар цртеж / дигитален цртеж за учениците од 6. до 9. одделение;
- 3 награди за најдобра песна за учениците од 1. до 5. одделение; и
- 3 награди за најдобар расказ за учениците од 6. до 9. одделение.
На наградените ученици од основното образование ќе им биде доделена парична награда во износ од по 3.000,00 денари, којашто ќе се исплати на платежна сметка во банка во Република Северна Македонија, по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 18 октомври 2024 година.
|
* * *
ТЕМА И УСЛОВИ НА КОНКУРСОТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Учениците од средното образование може да испратат литературна творба ‒ есеј на темата:
„Финансиската едукација на младите – основа за подобро управување со парите и заштита од финансиски измами во новото дигитално време“
Есејот треба да има најмногу 1.500 зборови и да содржи личен поглед кон темата, со осврт на некои од следниве прашања: улогата на штедењето во економијата, значењето на штедењето за иднината, ставот кон штедењето на младата популација, семејните навики и штедењето, познавањата на младите за штедењето во финансиските институции, управувањето со личните финансии, предизвици и заштита од ризици при користење на финансиските услуги во современото дигитално време, информираноста за финансиите, ставот на младите во однос на потребите за финансиска едукација, пристап до дигитална финансиска едукација и други аспекти.
На тројца наградени ученици од средното образование ќе им биде доделена парична награда во износ од по 6.000,00 денари којашто ќе се исплати на платежна сметка во банка во Република Северна Македонија, по нивен избор.
Крајниот рок за доставување на творбите е 18 октомври 2024 година.
|
ЗАЕДНИЧКИ УСЛОВИ КОИШТО ВАЖАТ ЗА УЧЕНИЦИТЕ ОД ОСНОВНОТО И СРЕДНОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Со цел да се заштити работата на учениците, Ве молиме потпишете ги творбите, со тоа што задолжително треба да се наведат следниве информации:
- Име и презиме на ученикот; - Назив на училиштето каде што ученикот посетува настава (одделение/година/општина/село/град); - Име и презиме на родителот/старателот со адреса на живеење; и - Телефон за контакт на родителот/старателот/наставникот/професорот.
|
Начин на достава на творбите:
Сите творби (цртеж, песна, расказ и есеј) може да се достават директно во Архивата на Народната банка или преку пошта. Литературните творби (песна, расказ и есеј), како и ликовната творба (исклучиво цртеж изработен на дигитален уред) може да се достават по електронски пат на следнава електронска адреса: [email protected]. При испраќањето на творбите по електронски пат, тие треба да се шифрираат заради заштита на личните податоци на подносителите на творбите.
Адреса за достава преку пошта со назнака:
„За Конкурсот по повод Светскиот ден на штедењето – 31 октомври“
Народна банка на Република Северна Македонија
бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр. 1, 1000 Скопје
Пристигнатите творби ќе ги разгледуваат и ќе ги оценуваат комисии формирани од претставници на Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии на Република Северна Македонија, а за разгледувањето на творбите на учениците од основното образование се ангажира и надворешно стручно лице.
Пристигнатите творби не се враќаат.
Списокот на наградените ученици ќе биде објавен најдоцна до 31 октомври 2024 година, на интернет-страниците на Народната банка: https://www.nbrm.mk/ и на Министерството за финансии: http://finance.gov.mk/.
За подетални информации може да ни се обратите преку електронската пошта на Народната банка: [email protected] и електронската пошта на Министерството за финансии: [email protected].