Финансиската едукација може да се дефинира како „процес со кој финансиските потрошувачи/инвеститори го подобруваат своето знаење во врска со финансиските производи, концепти и ризици и, преку информации, обука и/или објективни совети, се стекнуваат со вештини и самодоверба околу финансиските ризици и можности. Финансиската едукација им овозможува да направат избор за кој имаат информации, им укажува каде да се обратат за помош, и да преземат други ефективни активности за подобрување на нивната финансиска благосостојба. На тој начин, финансиската едукација нуди повеќе од обезбедување финансиски информации и совети, коишто треба да се регулираат, како што е често случај, особено за заштита на финансиските клиенти (т.е. потрошувачите).

Проектот за финансиска едукација на Народната банка предвидува: организација на национални и меѓународни настани посветени на финансиската едукација и писменост; изработка на поучни едукативни материјали (брошури, летоци, прирачници, учебници, стрипови) во кои се разработуваат повеќе аспекти од економската сфера: централната банка и нејзината улога и функции, клучните финансиски институции, економските поими, штедењето, финансиските производи, како и заштитата на корисниците на финансиските услуги; и соработка со меѓународни институции и организации кои се посветени на изградба на политики за финансиска вклученост и едукација и изработка на стратешки документи.