Македонски интербанкарски платен систем - МИПС
МИПС е систем за порамнување на плаќањата со големи вредности и итните плаќања во денари во реално време на бруто-основа (RTGS – Real Time Gross Settlement System). МИПС започна со работа во јули 2001 година.
Од почетокот на 2017 година, Народната банка преку МИПС (на единствена платформа) на банките им овозможува вршење на плаќања и во евра (приливи и одливи) во земјата и странство преку платниот систем ТАРГЕТ 2 на Европскиот систем на централни банки. Со тоа МИПС системот прерасна во двовалутен платен систем (денари и евра).
Сопственик и оператор на системот е НБРСМ.
Плаќањата коишто се порамнуваат во МИПС можат да бидат поделени во три категории:
- плаќања каде што корисниците (плаќачот и/или примачот) се клиенти на домашни и странски банки и НБРСМ, коишто се учесници во МИПС или ТАРГЕТ 2;
- плаќања од банка кон банка (двете страни се банки учесници во МИПС); и
- сервисни плаќања (каде што на третата страна, на пример: клириншкa куќa, систем за порамнување на хартиите од вредност, картичeн процесор, ѝ се дозволува дебитирање на сметка на учесник во МИПС и кредитирање на износот на друг учесник во МИПС).
Правната основа за функционирање на МИПС е дефинирана со Законот за платежни услуги и платни системи и Законот за девизно работење. Правата и обврските за НБРСМ и на учесниците во системот детално се регулирани со Правилата за работа на МИПС и соодветната документација којашто произлегува од овие правила.
Функционирањето на МИПС е неопходно за обезбедување порамнување на другите платни системи, спроведување на монетарната политика, одржување на стабилноста на финансиските институции и пазарите, како и за економскиот развој. Поради тоа, МИПС претставува системски значаен платен систем, а согласно со Законот за платен промет и подзаконската регулатива, треба да биде усогласен со меѓународно прифатените стандарди за работа на платните системи.