БИОГРАФИЈА

Марјан Петрески


Д-р Марјан Петрески (1982) е Редовен професор по Економија на Факултетот за деловна економија и организациони науки при Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС, www.uacs.edu.mk); како и на Факултетот за менаџмент и економија при Технолошкиот Универзитет во Гдањск, Полска (www.pg.edu.pl). Неговите дополнителни моментални афилијации вклучуваат Стратегиски советник на Finance Think – Институт за економски истражувања и политики, и Истражувачки соработник на Партнерството за економски политики, Канада.

Проф. Петрески докторираше Економија на Универзитетот Стафордшир, Велика Британија во 2011 година, кадешто се стекна и со Постдипломски сертификат во Методи на истражување. Неговата докторска теза беше „Премин на монетарниот режим од таргетирање на девизниот курс кон таргетирање на инфлацијата: Со осврт на економиите во развој“ под менторство на проф. Џеф Пју[1]. Магистерските студии по Финансии и банкарство ги заврши на Универзитетот од Шефилд, со почест, со магистерската теза: „Макроекономските импликации од режимот на девизниот курс: Случајот на Македонија“. Марјан дипломираше на Универзитетот во Битола, на насоката Финансии, како студент на генерацијата со просечна оценка 9.94.


Кариерата ја започна во Министерството за финансии (2006-2008) како помлад соработник за макроекономско моделирање и проекции и во Народната банка на Република Северна Македонија (2009-2010) како економетричар во сферата на финансиската стабилност.  На УАКС започна да работи како надворешен соработник во 2008 година, а како редовно вработен од јули 2010 година, најпрво како асистент (2010-2011), доцент (2011-2014), вонреден професор (2014-2019) и редовен професор (2019-денес).

Проф. Петрески предава Монетарна економија, Меѓународни пари и финансии, Методи на истражување, Статистика, Анализа на податоци, Напредна економетрија, на сите три циклуси на студии.

На УАКС извршуваше важни раководни функции, и тоа: Продекан за научно-истражувачка работа на Факултетот за деловна економија и организациони науки (2011-2013), Проректор за научно-истражувачка работа (2013-2021), Координатор на Докторската школа (2018-денес) и претседател на повеќе комитети од сферата на научно-истражувачката работа, самоевалуацијата, шангајското рангирање и сл. Главното постигнување на проф. Петрески сврзано со неговото делување на УАКС е што универзитетот беше рангиран на второто место во сферата на истражувањето на шангајското рангирање на домашните универзитети во 2014 година и беше прворангиран универзитет во земјата, од 2012 до 2022 година, во сферата на економијата, според глобалната база Ideas/RePEc[2] при Федералната банка од Ст. Луис, САД.

Марјан е ко-основач на Finance Think - Институт за економско истражување и политики, Скопје, истакнат и влијателен економски тинк-тенк (www.financethink.mk). Mарјан активно учествуваше во сите фази од развојот на Институтот. Главното постигнување на проф. Петрески сврзано со неговото делување во Finance Think е неговото водство во клучни студии за политиките – како таа за гарантираниот минимален доход, прогресивното оданочување и сл. – кои придонесоа за воспоставување нови или рафинирање на постојните економски политики во земјата. Дополнително, во својство на ко-основач на Finance Think, Марјан го раководеше и процесот на основање на Finance Impaq – консултантската рака на Finance Think, која од воспоставувањето во 2017 година до денес воспостави богато институционалното портфолио.

Проф. Петрески е пасиониран истражувач. Тој магистрираше и докторираше во сферата на монетарната економија, што претставуваше негов прв научно-истражувачки жар. Подоцна, истражувањата ги прошири и во сферата на пазарот на трудот и меѓународната трговија. Негов оригинален истражувачки фокус се транзиските земји и монетарните стратегии што тие ги применуваат, кој подоцна се прошири на теми како малфункционирањето на пазарите на труд во транзициските економии, глобализацијата, сиромаштијата и нееднаквоста. Од неговата истражувачка активност во овие сфери произлегоа над 160 референтни публикации (вклучувајќи трудови во рецензирани списанија, други индексирани публикации, работни трудови, трудови за конференции и слично). Неговиот целокупен истражувачки опус е цитиран 882 пати (според Google Citations[3]) и h-индекс од 15. Од овој истражувачки опус, над 40 труда се објавени во списанија на JCR-Thomson Reuters (Web of Science), што е најголем број трудови од ваков ранг објавени од економист во Северна Македонија.

Трудовите на проф. Петрески се објавени во скоро сите списанија за транзициски економии, од редот на Economic Systems, Post-Communist Economies, Eastern European Economics, Comparative Economic Studies, Communist and Post-Communist Studies, Emerging Markets Finance and Trade, International Journal of Manpower, Open Economies Review, The Economic and Labour Relations Review, Journal of Labor Research, International Migration, а vo 2022 и во највисоко-рангираното списание за транзициски економии Journal of Comparative Economics. Трудовите на проф. Петрески во списанијата референцирани на Web of Science и Scopus се цитирани 150 пати.

Марјан е автор и на пет меѓународни книги и 15 поглавја во книги. На домашната сцена, во 2018 ја издаде книгата „Истражувачки алатки во економијата“. Досега реализираше шест постдокторски истражувачки престои: Универзитетот од Јуваскула, Финска (2021), Универзитетот во Мичиген, САД (2019), Универзитетот Хитотсубаши, Јапонија (2016), Универзитетот де ла Република, Уругвај (2016), Лајбниц Институтот за Источни и Југоисточни Економски Студии, Германија (2014) и Словачката Академија на Науките (2013).

За своето истражување во сферата на економијата, тој беше награден со наградата Млад научник 2009 од Македонската академија на науките и уметностите и наградата Олга Радзинер 2010 од Централната банка на Австрија за трудот „Ремонт на една доктрина: Дали таргетирањето на инфлацијата отвори нова ера во земјите во развој со фиксни девизни курсеви?“. Во 2013 година, предводејќи тим од истражувачи, проф. Петрески ја доби Јапонската награда за извонредно истражување за развој од Глобалната мрежа за развој и Владата на Јапонија, во конкуренција од над 700 поднесоци ширум светот. Во 2016 ја доби наградата LSE-CEFTA за истражувачки труд за регионалната трговија од Секретаријатот на ЦЕФТА и Лондонската школа за економија.

Марјан беше Соработник за кариерна интеграција на CERGE-EI во Прага (2012-2015, 2021-2024), додека од 2018 е Соработник за истражување на Партнерството за економски политики.

Проф. Петрески е нашироко ангажиран како надворешен консултант на Светската банка, Меѓународната организација на трудот, УНКТАД, UN Women, УНИЦЕФ, УНДП, Советот за регионална соработка, Генералниот директорат НЕАР на Европската Унија и други. Со овие развојни партнери, Марјан работеше во над 30 земји во развој не само од регионот на Западниот Балкан, туку и во земјите од поранешниот Советски сојуз, земјите од Далечниот и Блискиот Исток и Африка.

Проф. Петрески е перманентно активен во стручната и општата дебата во земјата во последната деценија. Ужива углед на стручна и избалансирана личност.

Сопруг е на Благица, економист, и татко на Дариан (14) и Лорен (6). 

  







[1] https://publons.com/researcher/3266320/geoffrey-pugh/
[2] https://ideas.repec.org/top/top.macedonia.html
[3] https://scholar.google.com/citations?user=SfvO4b0AAAAJ
[4] Лондонската школа за економија документира дека редовен професор по економија има просечен h-индекс од 7,6, а предавач од 2,4. Највисоко рангираниот автор во економијата, во светот, има h-индекс 85. Извор: Impact of Social Sciences – 3: Key Measures of Academic Influence". Impact of Social Sciences.
[5] За споредба, за периодот 1970-денес, само 116 трудови се појавуваат на JCR – Thomson Reuters за Северна Македонија од областа Економија. Груба проценка е дека има околу 350 економски истражувачи во земјата по 1990 година, што укажува на број на JCR-индексирани трудови по глава на истражувач од само 0,33.
[6] https://publons.com/researcher/1988659/marjan-petreski/