на Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на I седница, одржана на 27.01.2005 година
ЗАКЛУЧОЦИна Советот на Народна банка на Република Македонија донесени на I седница, одржана на 27.01.2005 година 1. Советот на Банката го разгледа и усвои Записникот од X седница на Советот на Народна банка на Република Македонија.
2. Советот на Банката ги разгледа и усвои Предлог мерките за унапредување на финансискиот систем на Република Македонија. Мерките предвидуваат донесување нови или менување постојни законски или подзаконски акти и други активности со кои ќе се зголеми позитивното влијание на финансискиот систем врз економскиот развој на Република Македонија. Мерките се насочени пред се кон натамошно зголемување на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, зголемување на неговата ефикасност во финансиската интермедијација во земјата, унапредување на основите за планирање и имплементирање на монетарната политика, како и зголемување на институционалниот капацитет на Народна банка на Република Македонија. Предлог мерките за унапредување на финансискиот систем е истовремено платформа на ставови на Централната банка за остварување на структурните промени во финансискиот систем на земјата.
3. Советот на Банката ја разгледа и донесе Одлуката за изменување и дополнување на Деловникот за работа на Советот на Народна банка на Република Македонија.
Притоа, Советот на Банката оцени дека потребата од донесување на предложената Одлука произлегува од следните причини:
Согласно препораките на ММФ - ФСАП аранжманот воспоставена е нова организациона поставеност на Народна банка на Република Македонија која се огледа главно во неопходноста на координацијата на одлучувањето во однос на политиката на девизниот курс, интервенциите на девизниот пазар, монетарната политика, монетарните инструменти, регулирање на ликвидноста во банкарскиот систем и друго заради поголемата ефикасност и компетентност.
Со предлогот за изменување и дополнување на Деловникот се предлага прашањата од делокругот на Комисијата за монетарна политика и Комисијата за девизен систем и политика, кредитни односи со странство и односи со меѓународни финансиски организации да претставуваат делокруг на работа на Комитетот за оперативна монетарна политика како тело на Советот на Банката кое заеднички ќе разгледува и одлучува за политика на девизниот курс, интервенциите на девизниот пазар, монетарната политика, монетарните инструменти, регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем и друго.
Останатите предлози за изменување и дополнување на Деловникот претставуваат усогласување со гореопишаната измена.
4. Советот на Банката го разгледа и донесе Решението за формирање Комитет за оперативна, монетарна политика, како постојано работно тело со цел поефикасно утврдување и спроведување на монетарната политика.
Комитетот, со кој претседава гувернерот, врз основа на неделните движења и проекции за кредитната активност и ликвидност на банките, ќе одлучува и превзема мерки неопходни за регулирање на количината пари во оптек и успешно оставрување на целите на утврдената монетарна политика. Комитетот месечно ќе ги разгледува и остварените макроекономски движења и ефектите од спроведувањето на монетарната политика, врз основа на кои ќе доставува предлози до Советот на Народна банка за промена во инструментите на монетарната политика како и подзаконските прописи и други акти од монетарната област.
Покрај гувернерот, членови на Комитетот се и вицегувернерите, директорите на дирекциите надлежни за оперативно спроведување на монетарната политика, за анализи и истражувања, супервизија на банкарскиот систем, како и други стручни и компетентни лица од Народна банка. Комитетот по потреба за одделни прашања ќе вклучува и ндворешни експерти.
5. Советот на Банката ја разгледа Месечната информација 11/2004.
Гувернер
и претседател
на Советот на Народна банка на
Република Македонија
м-р Петар Гошев с.р.