Скопје, 6 март 2022
Нашата економија, како мала и отворена, е исклучително зависна од случувањата во европската економија. Засега не се очекува рецесија во Европската Унија. Европската централна банка, и покрај новонастанатата ситуација со Украина, очекува раст во ЕУ годинава, но помал од првично очекуваниот. Сепак, ризиците постојат и тие зависат од развојот на настаните, санкциите и времетраењето на кризата, посочува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МТВ.
„Ние сме отворена економија со многу силни врски со европската. Европската економија е нашиот најзначаен трговски партнер, каде што извезуваме 77% од вкупниот извоз. Европската централна банка излезе со три првични сценарија, во зависност од развојот на тековните случувања во Украина. Сепак, би нагласила дека оваа состојба е навистина неизвесна и тешко е за која било централна банка да ги прави проекциите тековно, токму поради голема неизвесност“, посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката вели дека засега се зборува за три канали преку кои руско-украинската војна би можела да ја погоди европската економија.
Првиот канал е потрошувачката, поради нагорните придвижувања на цените на примарните производи ‒ енергенсите и храната. Повисоката инфлација ќе предизвика понизок реален расположлив доход на домаќинствата којшто би се одразил врз приватната потрошувачка. Сепак, според некои аналитичари, овој ефект може да се ублажи преку акумулираното штедење во пандемичниот период, посочува Ангеловска-Бежоска.
Вториот канал преку кој руско-украинскиот конфликт може да влијае врз европската економија е преку инвестициите. Во услови на голема неизвесност, по правило има поголема воздржаност на инвеститорите. Од друга страна, се смета дека овој ефект би можел да биде ублажен со поголеми инвестиции во енергетскиот сектор, поради намалување на изложеноста кон руската економија ‒ инвестиции коишто придонесуваат за зголемување на енергетската ефикасност и вложување во обновливи извори на енергија.
Третиот канал на влијание на тековната криза врз европската економија е трговскиот, посочува Ангеловска-Бежоска. Сепак, трговската поврзаност на европската со руската економија низ годините е значително намалена, особено по анектирањето на Крим во 2014 година. Тековно, извозот на ЕУ кон Русија учествува со само 3%.
Нашата економија нема директна изложеност кон руската и украинската економија. Сепак, постојат ризици преку нашата поврзаност со европската економија.