Скопје, 24.02.2000 година
Соопштение на НБРМ
На 24.02 2000 година, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата LXXVIII-а седница, на која се дискутираа прашања од монетарната и девизната област.
Членовите на Советот на НБРМ ја разгледаа Методологијата за пресметување на реалниот ефективен девизен курс на денарот. Притоа, истата беше усвоена, со констатација дека во иднина оваа методологијата ќе се користи за пресметување на реалниот ефективен девизен курс на денарот.
Членовите на Советот на НБРМ ја разгледаа и усвоија Информацијата од консултациите на Народна банка на Република Македонија со Мисијата на Меѓународниот Монетарен Фонд по член IV. Во информацијата беа изнесени заклучоците од неодамнешните консултативни средби помеѓу претставниците на НБРМ и претставниците на Мисијата на ММФ, во поглед на остварувањето на монетарната политика и активностите што се превземаат во Народна банка на Република Македонија за зајакнување на супервизорската контрола.
По повод 2000 годишнината од почетоците на Христијанството, Советот на НБРМ донесе Одлука за пуштање во оптек на пригодни монети во апоен од еден денар, како уште една активност во одбележувањето на овој значаен христијански празник.
Воедно гувернерот Трпески го информираше Советот на НБРМ дека од 24-26 февруари 2000 година негов гостин ќе биде гувернерот на Централната банка на Република Грција, г-дин Лукас Пападемос. Ова е прва негова посета на Република Македонија. Двајцата гувернери ќе разменат мислења по повеќе прашања од взаемен интерес за двете централни банки, а особено за остварувањата во монетарнта политика, економските состојби во Република Грција и Република Македонија, економските перспективи во регионот, надворешно - трговската размена помеѓу двете земји, како и влијанието на војната во СР Југославија врз македонското стопанство. Воедно, имајќи предвид дека економските односи помеѓу двете земји бележат тренд на постојано интензивирање, особено по последните грчки инвестиции во Република Македонија, гувернерите ќе посветат посебно внимание на грчките инвестиции во стопанството и банкарскиот сектор и на начините за поголема соработка и размена на податоци помеѓу двете централни банки за состојбите во банкарските системи.
Гувернерот Пападемос, исто така, ќе биде примен и од претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Љубчо Георгиевски, претседателот на Собранието на Република Македонија, г-дин Саво Климовски и министерот за финансии г-дин Никола Груевски.
На посебна седница на Советот на Народна банка на Република Македонија, составен само од надворешните членови (без гувернерот и заменик гувернерот) Советот на НБРМ ја разгледа жалбата на Алмако банка а.д. Скопје во второстепена постапка. Притоа, членовите на Советот беа информирани за Заклучокот на Владата на Република Македонија донесен на 6-тата седница на Владата, одржана на 15.02.2000 година, согласно кој Владата нема да учествува во санацијата на Банката. Со оглед дека нема санатор на Банката, членовите на Советот го потврдија решението на гувернерот од 21.10.1999 година и утврдија дека се исполнети условите за воведување на стечајна постапка поради неможност за санација на Банката.
Кабинет на гувернерот