Усвоени извештаите за монетарната, девизната и супервизорската активност на Народна банка на Република Македонија во 2001 година
Скопје, 14.05.2002 година
Соопштение на НБРМ
Усвоени извештаите за монетарната, девизната и супервизорската активност на Народна банка на Република Македонија во 2001 година
На 14.05.2002 година Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата 99-та седница, на која се разгледаа и усвоија повеќе извештаи од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот на Народна банка на Република Македонија го разгледа Годишниот извештај на Банката за 2001 година. Притоа, беше констатирано дека нарушената политичко-безбедносна состојба во 2001 година се одрази неповолно врз макроекономските остварувања на македонската економија. Така, во 2001 година беше прекинат петгодишниот тренд на пораст на БДП, при што проценетиот реален пад на БДП изнесува 4,6%. Народна банка на Република Македонија и во ваквите сложени околности, ја задржа цврстата определба за исполнување на својата обврска дефинирана со Уставот на Република Македонија и Законот за Народна банка на Република Македонија, а тоа е одржувањето на стабилноста на цените, односно девизниот курс на денарот, како основно номинално сидро во економијата и како потврден најдобар амбиент во мала и отворена економија, како што е македонската, за реализирање на економските активности. Притоа, просечната стапка на инфлација во 2001 година изнесуваше 5,5%.
Во 2001 година, заради одбрана на земјата, буџетската политика мораше да биде експанзивна. Исто така, поради безбедносно-политичките случувања населението масовно почна да ги повлекува депозитите од банките, што креираше притисок врз девизниот курс. Во такви услови монетарната политика го понесе најголемиот товар во одбраната на девизниот курс и задржувањето на ценовната стабилност, т.е. во обезбедувањето на макроекономска стабилност, користејќи исклучиво пазарни инструменти. И покрај тоа што, поради влошената безбедносно политичка ситуација во земјата и прекинувањето на аранжманите со меѓународните финансиски институции не пристигна очекуваниот прилив на средства за поддршка на платниот биланс, Народна банка на Република Македонија успеа редовно и навремено да ги изврши сите обврски кон странство.
Во 2001 година беше успешно финализирана реформата на платниот промет, со што од почетокот на 2002 година платниот промет се префрли кај банките, а порамнувањето меѓу банките се врши со посредство на НБРМ.
Советот го разгледа Извештајот за супервизорските и контролните активности на Народна банка на Република Македонија во 2001 година, пришто посебно беше потенцирана значајната улога на Народна банка, која во корелација со банките, и покрај влошената безбедносна ситуација во земјата, не дозволи системска банкарска криза. Притоа членовите на Советот констатираа дека Република Македонија е една од ретките земји во транзиција која успеа да избегне системска банкарска криза.
Членовите на Советот истакнаа дека годишните извештаи на Народна банка на Република Македонија се реални, сеопфатни и стручно изработени материјали и истите едногласно ги усвои.
Кабинет на гувернерот