Усвоени извештаите за монетарната, девизната и супервизорската активност на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2002-та година
Скопје, 10.10.2002 година
Соопштение на НБРМ
Усвоени извештаите за монетарната, девизната и супервизорската активност на Народна банка на Република Македонија во првото полугодие од 2002-та година
Денес, Советот на Народна банка на Република Македонија ја одржа својата 102-ра седница, на која се разгледаа и усвоија повеќе извештаи и одлуки од монетарната, девизната и супервизорската област.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои полугодишниот извештај на НБРМ за првата половина од 2002-та година. Притоа беше констатирано дека безбедносната и економската криза од минатата година имаа продолжен негативен ефект врз функционирањето на македонската економија и во првата половина од 2002 година. Така, во првата половина од 2002 година беше регистриран забавен економски раст во услови на висок пад на индустриското производство, зголемен дефицит во надворешно-трговската размена и намалување на бројот на вработени лица. Но и покрај сите тешкотии со кои се соочуваше Народна банка на Република Македонија во текот на првото полугодие од 2002 година, во целост ја исполни својата обврска дефинирана со Уставот на Република Македонија и Законот за Народна банка на Република Македонија, а тоа е одржувањето на стабилноста на цените, односно девизниот курс. Притоа, просечната стапка на инфлацијата во периодот јануари-јуни 2002 година се задржа на ниско едноцифрено ниво од 2,5%. И покрај појавените незначителни осцилации на курсот на денарот во првото полугодие од 2002 година, сепак Народна банка на Република Македонија успеа да ја сочува стабилноста на курсот на денарот.
Во функција на одржување на ценовната стабилност (како крајна цел на монетарната политика) и создавање амбиент за долгорочно одржлив економски развој, НБРМ продолжува да ја спроведува стратегијата на таргетирање на девизниот курс на денарот. Согласно ваквата монетарна стратегија централната банка и во првата половина од 2002 година активно учествуваше на девизниот пазар, со цел затворање на јазот помеѓу побарувачката и понудата за девизи, овозможувајќи одржување на стабилно ниво на девизниот курс. Во текот на првите шест месеци од 2002 година, аукциите на благајнички записи беа основен инструмент за регулирање на ликвидноста на банкарскиот систем.
На крајот од првото полугодие од 2002 година, паричната маса М1 (готови пари во оптек и депозитни пари) изнесуваше 24.985 милиони денари и на годишна основа беше повисока за 4.772 милиони денари, или за 23,6%, додека, вкупните депозити на недржавниот сектор (депозити по видување, орочени до и над една година) изнесуваа 39.496 милиони денари и беа повисоки во однос на крајот од претходната година за 12.418 милиони денари, или за 23,9%. Кредитната активност на банкарскиот сектор во првата половина од 2002 година беше во функција на поддршка на економските текови. Вкупните пласмани на банките кај недржавниот сектор на 30.06.2002 година изнесуваа 48.036 милиони денари и во однос на крајот од претходната година беа повисоки за 2.376 милиони денари, или за 5,2%. Во споредба со нивото во јуни 2001 година тие се повисоки за 2.541 милион денари, или за 5,6%.
Советот на Народна банка на Република Македонија го усвои и Извештајот за банкарската супервизија и банкарскиот систем на Република Македонија во првото полугодие од 2002 година. НБРМ во периодот јануари-јуни 2002 година превзеде активности во насока на: промени и унапредување на регулативната рамка на банкарската супервизија; спроведување на функцијата на лиценцирање; перманентен вонтеренски и теренски надзор на работењето на банките и штедилниците; превземање на корективни активности спрема банките и штедилниците и сл.
Во текот на првото полугодие од 2002 година, нема промена во бројот на банките и штедилниците во Република Македонија. Исто како и на крајот од 2001 година, на 30.06.2002 година во Република Македонија имаше 21 банка и 17 штедилници. Притоа, 18 банки имаа дозвола за вршење на финансиски работи кои вклучуваат платен промет со странство и кредитно гаранциски работи со странство, додека останатите 3 банки имаа дозвола за вршење на платен промет и кредитно гаранциски работи во земјата. Просечната стапка на адекватност на капиталот на банките во Република Македонија на крајот на првото полугодие изнесуваше 27,5%, што значи солидна солветна позиција. Од друга страна високоризичните пласмани на 30.06.2002 година изнесуваа 17,4%, од што може да се заклучи дека постои благ тренд на подобрување на квалитетот на кредитните портфолија на банките.
Исто така, Советот на Народна банка на Република Македонија донесе повеќе одлуки од супервизорската област кои претставуваат усогласување со законската регулатива.
На крајот членовите на Советот беа информирани за исходот од последните преговори на финансискиот комитет за распределба на финансискиот имот на поранешната СФРЈ.
Кабинет на гувернерот