Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Скопје, 05.11.2009 година
Соопштение на НБРМ
Советот на Народната банка на Република Македонија денес одржа седница на која разгледа повеќе прашања од својот домен на работење.
Советот го разгледа Кварталниот извештај, октомври 2009 година, во којшто се прикажани најновите макроекономски движења, како и последните ревидирани макроекономски проекции на НБРМ за 2009 година. Притоа, во рамки на Кварталниот извештај се укажува на подобрување на трендовите во глобалната и домашната економија во вториот во однос на првиот квартал, коишто продолжија и во текот на третото тримесечје на годината. Така, по постојаните надолни ревизии на проекциите за глобалниот раст, сегашните прогнози укажуваат на побрзо закрепнување на глобалната економија од претходно очекуваното. Во домашната економија, од јуни наваму е забележано значително стабилизирање на девизниот пазар. Имено, надолното прилагодување на увозната побарувачка и стабилизирањето на очекувањата, делумно и како ефект од промените во монетарната поставеност, овозможија интервенции на НБРМ со нето-откуп на девизи. Ризиците и неизвесноста околу идните движења и натаму се исклучително големи. Сепак, наспроти првите месеци од годината, кога беа потенцирани ризиците за поголемо влошување од очекуваното, сега е поизразена можноста за подобри остварувања во домашната економија.
Од аспект на економската активност во домашната економија, падот на БДП во вториот квартал на 2009 година изнесува 1,4%, наспроти 0,9% во претходното тримесечје, одразувајќи го задоцнетото надолно прилагодување на домашната побарувачка. Имено, затегнувањето на условите за кредитирање, заедно со зголемената внимателност на домашните економски субјекти доведе до значајно намалување на домашната побарувачка. Ова се пренесе и врз увозната побарувачка, при што посилниот пад на увозот од падот на извозот услови стеснување на трговскиот дефицит. Со тоа, се промени и структурата на факторите коишто влијаеја на падот на БДП. Така, во вториот квартал на годината падот на БДП беше резултат на падот на домашната побарувачка, додека нето извозната побарувачка има позитивен придонес кон годишната промена. Паралелно со поволните тенденции во надворешнотрговската размена, во второто тримесечје на 2009 година дојде и до промена на динамиката на приватните трансфери. Стабилизираните очекувања на домашните економски субјекти се одразија со раст на приливите од приватните трансфери, што делуваше во насока на релаксирање на притисоците на девизниот пазар. Овие трендови продолжија и во третото тримесечје на годината, при што откупот на девизи на девизниот пазар, заедно со приливите на капитално-финансиската сметка (приливите од издадената еврообврзница и распределбата на специјалните права на влечење) овозможија раст на девизните резерви. Заклучно со септември 2009 година, нивото на девизните резерви изнесува 1.526,6 милиони евра. Во третиот квартал дојде до забрзување на падот на цените, при што просечното намалување на цените изнесува 1,4%, наспроти 0,6% во претходниот квартал. Овие движења соодветствуваат со негативниот производен јаз и падот на увозните цени.
Во вториот квартал на годината, макроекономските движења беа во согласност со проекциите на НБРМ. Сепак, имајќи ги предвид најновите позитивни ревизии на прогнозите за глобалната економија до крајот на годината и со тоа за економиите на нашите извозни партнери, проекцијата за падот на домашната економија во 2009 година се ревидира од -1,8% на -1,6%. Воедно, наспроти присуството на надолните ризици околу претходната проекцијата, во октомвриската проекција постојат индикации за остварување и на помал пад од проектираниот. Од аспект на кварталната динамика, во третото тримесечје на годината и натаму се очекува поизразен годишен пад на БДП (од -2,5%), додека сигнали за стабилизација на тековите се очекуваат при крајот на годината, кога се оценува дека падот на економијата ќе забави на -1,6%. Во услови на незначителни промени на факторите коишто влијаат врз движењето на цените, се проценува дека инфлацијата во 2009 ќе биде во рамки на претходно проектираниот интервал, при што падот на цените се очекува да изнесува околу 0,6% во просек. Во макроекономската рамка е извршена и надолна ревизија на дефицитот во тековната сметка за 2009 од 11,6% од БДП во претходната проекција на 9,1%, што главно е одраз на трговскиот дефицит и поповолната динамика на приватните трансфери, во споредба со претходните очекувања. Во извештајот се заклучува дека динамиката на паричната маса е поповолна од очекувањата, при што сегашните проекции укажуваат на годишен раст на паричната маса од 0,6% на крајот на 2009 година (пад од 4,8% во претходната проекција). Кредитната активност главно се одвива согласно со проектираната динамика, при што се очекува умерен годишен раст на кредитите од 2,6% (2,9% во претходната проекција).
Кабинет на гувернерот