На Вториот годишен самит на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади „Менување на иднината на финансиите“, што се одржа од 7 до 9 мај 2013 година во Истанбул, Турција, Народната банка на Република Македонија зеде учество и го освои првото место, односно ја освои престижната награда „Регионален финалист на Европа“, во категоријата за најдобро организирани настани и активности за време на Глобалната недела на парите 2013 година, 15 - 21 март, во конкуренција со над 25 земји-учеснички од Европа.
На Вториот годишен самит на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади „Менување на иднината на финансиите“ (Reshaping the Future of Finance), што се одржа од 7 до 9 мај 2013 година во Истанбул, Турција, Народната банка на Република Македонија зеде учество и го освои првото место, односно ја освои престижната награда „Регионален финалист на Европа“, во категоријата за најдобро организирани настани и активности за време на Глобалната недела на парите 2013 година (Global Money Week 2013), 15 - 21 март, во конкуренција со над 25 земји-учеснички од Европа.
Претседател на жири-комисијата на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади за избор на регионалниот финалист беше баронесата Валери Ховард од Брекланд, Велика Британија.
На Самитот беа присутни 420 учесници и 100 деца и млади од вкупно 102 земји од целиот свет. Ова е втор настан по ред каде што се среќаваат децата, младината и високите претставници од различни сектори на тема финансиска едукација, финансиска писменост и економско граѓанство за децата и младите. Различните сектори опфаќаа претставници од: меѓународни финансиски организации, наднационални институции, влади, министерства, централни банки, други регулаторни институции, финансиски институции, банки, фондации, корпорации, мултилатерални и билатерални агенции, невладини организации и медиуми. Овој самит се одржа под патронажа на Одборот на пазари на капитал на Турција (Capital Markets Board of Turkey), во соработка со Централната банка на Република Турција (Central Bank of the Republic of Turkey) и Берзата во Истанбул (Borsa Istanbul).
Народната банка на Република Македонија, во изминатиот период и за време на Глобалната недела на парите 2013, организираше бројни активности во дел од основните училишта во Скопје. Во текот на таа недела, претставници и дел од раководството на Народната банка на Република Македонија посетија повеќе основни училишта и одржаа интерактивна настава наменета и приспособена за учениците од трето до петто одделение. Под мотото „Преку игра до едукација“, учениците се запознаа со теми од областа на парите, целите и задачите на Народната банка, банките, штедењето и сл. Интерактивната настава опфаќаше запознавање на учениците преку интересни едукативни игри и активно учество и поттикнување на детската размисла во целокупната дискусија за време на предавањата.
Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади претставува глобална мрежа којашто е посветена на преобразување на секое дете во светот во економски граѓанин. Работата на оваа организација е да обезбеди секое дете во светот да има штедна книшка и да поседува знаење и вештини да го прави вистинскиот избор во иднина со што ќе обезбеди подобар живот за себе, околината и општеството. За помалку од една година, ова глобално движење опфати над 18 милиони деца и млади во процесот на финансиска едукација на децата и младите. Глобалното движење за финансиска едукација на деца и млади е единствено од ваков вид, затоа што ги обединува како организациите, така и индивидуалците од различните земји. На Првиот годишен самит во 2012 година, мрежата се обврза да опфати 100 милиони деца со процесот на финансиска едукација до 2015 година, како прв чекор на ова глобално движење.
Линк до галеријата слики.