Соопштение на НБРМ
Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 3 јануари 2013 година, донесе одлука да ѝ додели на Народната банка на Република Македонија градежно земјиште во сопственост на Република Македонија на трајно користење. Доделеното земјиште е со вкупна површина од 4340 квадратни метри и според Деталниот урбанистички план Мал Ринг е наменето за изградба на државни институции. Парцелата излегува на улицата „Филип Втори“ и се наоѓа веднаш до новата зграда на Министерството за надворешни работи. Имајќи предвид дека доделеното градежно земјиште има потенцијал да ги задоволи барањата од Проектната задача, изработена од Градежниот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Народната банка објави оглас за изработка на Проектна документација – идеен проект, основен проект и друга проектна документација за објектот „Нов објект на НБРМ“, како и ревизија на комплетната проектна документација со проектантски надзор. Со тоа започнуваат подготвителните активности за новиот објект на Народната банка.