Противцикличен заштитен слој на капиталот
Противцикличниот заштитен слој на капиталот е наменет за заштита на банките од ризиците од промените во кредитниот циклус. Овој заштитен слој се воведува или се зголемува во периоди на значаен кредитен раст, а се намалува или се ослободува во периодите кога ќе се промени кредитниот циклус. Имено, во услови на висок кредитен раст, за банките се воведува обврската да го зголемуваат нивото на капитал со кое располагаат. Ваквата обврска, од една страна ја подобрува способноста на банките за покривање на кредитните загуби коишто можат да произлезат од високиот кредитен раст, а од друга страна, влијае и кон намалување на висината на тој раст, бидејќи ги зголемува трошоците на кредитирањето. При промени во циклусот, банките се ослободуваат од обврската за исполнување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што значи дека можат да го користат овој заштитен слој за покривање на кредитните загуби коишто вообичаено се јавуваат во надолната фаза од циклусот, а истовремено ги намалува трошоците за кредитите што влијае врз обемот на кредитната побарувачка. На овој начин, противцикличниот заштитен слој на капиталот влијае кон намалување на т.н. процикличност во финансискиот систем.
Висината на противцикличниот заштитен слој на капиталот се утврдува врз основа на т.н. специфична стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот, којашто претставува пондериран просек на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банката кон одделни земји. Имено, согласно со Законот за банките, Народната банка има право да пропише различни стапки на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложености кон клиенти од различни земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
Начинот на утврдување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од Република Северна Македонија и на специфичната стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и начинот на воведување и промени на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од Република Северна Македонија се определени во Одлуката за методологијата за утврдување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложености во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/21 и 149/21).
Народната банка на квартална основа утврдува дали има потреба да не се воведе, да се воведе, да се намали или да се ослободи противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Северна Македонија, врз основа на што носи одлука за висината на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Северна Македонија. Народната банка на својата интернет страница ја објавува висината на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот, заедно со датумот на примена, за изложеностите во Република Северна Македонија и за изложеностите кон други земји.
Одлука за висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложености во Република Северна Македонија и за изложености кон други земји
Историски преглед на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот (ажурирано на 22.04.2025)
Преглед на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот во земјите членки на Базелскиот комитет за банкарска супервизија
Преглед на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот во земјите членки на Европскиот одбор за системски ризици
Преглед на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот во земјите од Западен Балкан (ажурирано на 22.04.2025)