16. Меѓународна конференција на клириншки куќи на Централна и Источна Европа (ИЦЦИ)
Поздравен говор на гувернерот Димитар Богов на 16. Меѓународна конференција на клириншки куќи на Централна и Источна Европа (ИЦЦИ), 12.10.2011 година
16. Меѓународна конференција на клириншки куќи на Централна и Источна Европа (ИЦЦИ)
Почитуван претседавачу, почитувани учесници и гости,
Чест ми е и задоволство да го одржам поздравниот говор пред олку истакнат аудиториум. Би сакал да му се заблагодарам на „Клириншки интербанкарски системи“ Скопје (КИБС) за оваа можност. Мојата тема е поврзаноста на платните системи со двете главни задачи на централната банка, монетарната политика и финансиската стабилност.
Иако парите треба слободно да циркулираат во економијата, без притоа тој процес да наметнува големо оптоварување, другите економски субјекти, исто така, треба да бидат сигурни дека деловните банки ќе ги признаат своите обврските по видување, така што ќе ги претворат во банкноти, т.е. централнобанкарски пари, на нивно барање. Централната банка им дозволува на деловните банки меѓу себе да си префрлаат средства коишто се на сметките кај централната банка. Така, развојот на платниот систем станува дел од развојот на централната банка, и токму од овој оперативен капацитет, се разви соработката со системот на деловни банки, при воспоставувањето на системите со кои работи и надзор на системите со кои работат другите учесници.
Ваквата водечка улога на централната банка, којашто не се совпаѓа со улогата на ниту еден друг учесник, нѐ прави свесни за силната врска меѓу платните системи и монетарната политика од една страна, и платните системи и финансиската стабилност, од друга. Дозволете ми да го посветам централниот дел од овој поздравен говор, токму на овие различни, но сепак, меѓусебно поврзани нишки.
Импулсите на монетарната политика се пренесуваат од оние финансиски институции коишто имаат директна врска со централната банка, на другите институции и населението. Централната банка вообичаено ја спроведува својата монетарна политика само со одредени финансиски институции, а најмногу со деловните банки. Како резултат на тоа, другите економски субјекти се потпираат врз овие одредени финансиски институции, коишто имаат директна врска со централната банка. Функционирањето на трансмисијата се темели врз непреченото функционирање на платната инфраструктура, овозможувајќи трансакции на овие институции со централната банка, како и меѓу себе на меѓубанкарскиот пазар.
Доколку функционирањето на платните системи не е доволно развиено, одредените финансиски институции се решаваат да чуваат релативно поголеми резерви на централнобанкарски пари за да им помогнат во управувањето на сопствената ликвидност, што пак за возврат доведува до послаби импулси на монетарната политика од страна на централната банка отколку очекуваните. Но, во општи рамки, откако платните системи во економијата ќе постигнат одредено ниво, влијанието на платните системи на монетарната политика не треба да се цени само според ефикасноста, туку и според брзината на парите, дефинирана како просечна брзина со која една единица пари се троши во одредено време, под претпоставка на дадена парична маса.
Брзината на оптекот на парите ендогено е одредена од одлуките на економските субјекти во однос на расположливата ликвидност, кредитирањето, позајмувањето, инвестирањето, потрошувачката и трудот. Сепак, зголемената ефикасност на платните системи егзогено ја зголемува брзината на оптекот на парите.
Од гледна точка на монетарната политика, важно е да се процени квантитативното и квалитативното влијание на оваа егзогена промена.
Зголемената ефикасност на платните системи доведува до зголемена употреба на сметките во однос на готовината. Поединечната пара или хартија од вредност лежи неискористена на сметка помалку време помеѓу две последователни плаќања, што доведува до пократко време меѓу приливот и одливот, т.е. до поголема брзина на парите во оптек. Новата ситуација се одразува со поголем обрт на пазарите, доколку економските субјекти се во можност да користат електронски начин на плаќање, да го следат паричниот тек и доколку се уверени дека зголемената ефикасност не ја загрозува заштитата од измама.
Задачата на централната банка е да го олесни поефикасното управување на ликвидни средства. Ефикасното управување на ликвидните ресурси им овозможува на економските субјекти да користат системи за безготовинско плаќање не само како сигнал за нивната подготвеност да платат, туку и да го платат точниот износ што го должат. Наспроти тоа, готовинските плаќања, придонесуваат економските субјекти да бидат изложени на трошоци во форма на загубени камати и зголемени безбедносни ризици.
Сепак, зголемената брзина на оптекот на пари не е линеарна. Со оглед на тоа дека технолошките предности во платните системи ретко се користат во максимален капацитет, зголемувањето на нивната ефикасност повеќе е постепен, отколку повремен процес. Со цел подобра процена на влијанието на технолошки потпомогната промена врз брзината на оптекот на пари и со тоа, врз монетарната политика, централните банки треба да користат податоци од различни извори.
Сѐ на сѐ, платните системи се основниот предуслов за примена на оперативната монетарната политика и нивниот степен на сложеност има директно влијание на брзината на оптекот на парите, така влијаејќи врз самата монетарна политика.
Во однос на финансиската стабилност, постои силна поврзаност меѓу ефикасните платни системи и финансиската стабилност. Финансиската стабилност подразбира дека финансискиот систем е отпорен на системски ризик, т.е. ризикот проблемите во една финансиска институција да доведат до проблеми во други претходно стабилни институции. Финансиската стабилност дозволува финансискиот систем да издржи шокови без да потклекне пред кумулативните процеси, коишто го намалуваат, најпрво, процесирањето на плаќањата во економијата, и второ, распределбата на заштедите во инвестиции. Силна и отпорна пазарна инфраструктура е од особена важност за финансиската стабилност.
Доделувањето средства на деловните банки доведе до тоа централната банка да воведе функција за контрола на кредитоспособноста на барателите на заем. Оваа функција подоцна се разви во „банкарска супервизија“. Една деловна банка може да биде извор на финансиска нестабилност доколку се соочува со технички потешкотии или ако не го поврати финансираното. Ова финансирање може да потекнува или од централната банка или од депонентите. Ваквата појава може да се одрази на другите економски субјекти. Тие може да се соочат со неликвидност, дури и несолвентност, а тоа да се одрази на пазарните каматни стапки, за возврат доведувајќи до промени во активностите за тргување и нарушување на довербата во пазарот.
Платните системи се основната компонента во спречувањето на ваквите појави и технички механизам за да може централната банка да интервенира и да ја спречи „заразата“ или потенцијалната „зараза“. Интересот на централните банки за финансиската стабилност во голема мера е предизвикан од инцидентот со „Херштат банка“ од 26 јуни 1974 година. Други германски банки иницираа плаќања кон „Херштат банка“ во германски марки во замена за американски долари, коишто требаше да се извршат преку кореспондентската сметка на „Херштат“ во Њујорк. Регулаторите, коишто решија веднаш да ја затворат банката заради несолвентност, не ја зедоа предвид разликата во временската зона меѓу Франкфурт и Њујорк, оставајќи ги трансакциите полузавршени. Германските банки не ги наплатија своите долари. Иако инцидентот со „Херштат“ не доведе до криза на финансиската стабилност, тој придонесе и централните банки да станат свесни за ризикот и започнаа да развиваат постојано поврзана платформа за порамнување, каде што деловните банки вршат меѓусебно порамнување на девизите врз основа на принципот „плаќање наспроти плаќање“.
Соработката во оваа област доведе до тоа централните банки да го поделат искуството и во другите области на платните системи и финансиската стабилност. Пазарите коишто функционираат добро зависат од волјата да се изнајдат соодветни решенија за да се обезбеди непречено функционирање на платните системи. Иронично, дел од проблемот произлегува од фактот дека технолошкиот напредок ги забрзува платните системи со што стануваат посигурни. Ова, пак, за возврат им овозможува на банките да имаат на сметката помалку ликвидни средства.
Криза во финансиската стабилност може да се јави кога финансиската институција не е во можност да му ги врати средствата на кредиторот на денот на отплатата, додека кредиторот има потреба од ликвидност токму на тој ден на отплата. Стравот од истовремена појава на повеќе вакви случувања беше важен елемент во прераснувањето на американската криза со второстепено хипотекарно кредитирање во глобална криза. Централните банки, кои ќе препознаат нарушување на пазарното функционирање и закана за опстанувањето на солвентни економски учесници, ги користат платните системи за да му обезбедат ликвидност, не само на пазарот во глобала, туку и на индивидуалните институции. Заради можност од повторување на кризата, централните банки сѐ уште можат да прибегнат кон неконвенционални или нестандардни операции на монетарната политика или да таргетираат индивидуални банки за помош. Банките не ја користат доволно последнава можност, бидејќи тие одбегнуваат да се изложуваат на камати над пазарната стапка, стравувајќи дека ќе бидат обележани на меѓубанкарските пазари. Изразите „итна ликвидносна помош“ или „позајмувач во крајна инстанца“ сега полека бледнеат, бидејќи стравот на деловните банки за ликвидноста е, во голема мерка, иако не само поради тоа, симптом на кризата на суверениот долг.
Како и да е, ризикот произлегува од деловните банки кои вообичаено работат со бројни учесници (централната банка, други банки, брокерски куќи, небанкарски институции и население) и во различни платни системи. Овие позиции доведуваат до меѓусебна зависност помеѓу системите за бруто-порамнување во реално време, коишто главно функционираат во централните банки, и системите со одложено нето-порамнување, коишто главно функционираат заеднички меѓу деловните банки. Успешното работење на Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), чиј РТГС-систем централната банка и го поседува и работи преку него, и Клириншките интербанкарски системи Скопје (КИБС), каде што централната банка се јавува како агент за порамнување, придонесоа за високо ниво на доверба во изминатите години и имаат позитивен ефект на стабилноста на банкарскиот и финансискиот систем и на економијата во целост.
Да завршам, деловните банки коишто меѓусебно префрлаат средства коишто ги чуваат на сметките кај централните банки го олеснија доброто функционирање на банкарскиот и финансискиот систем и ги намалија нарушувањата и нестабилноста во глобални рамки. Историскиот развој е придружен со бавно, но постојано движење кон поголема брзина на оптекот на пари.
Порамнувањето на плаќањата на сметките на централната банка сѐ уште обезбедува врска со двете главни задачи, т.е. монетарната политика и финансиската стабилност. Управувајќи со монетарните услови, централната банка соработува со деловните банки и со тоа ги намалува трансакциските трошоци. Ваквата поставеност е слоевита, каде што парите на централната банка се крајното средство за порамнување во економијата. Позитивната мрежна екстерналија најдобро се доловува преку намалувањето на ризикот, загарантираноста на услугата и конкурентната неутралност што ја обезбедува централната банка. Користењето на средствата коишто се чуваат на сметките во централната банка за вршење на плаќањата, во општи рамки се сфаќа како безризично, се добива услуга дури и во вонредни услови на глобални и домашни кризи, додека користењето на централната банка како средиште обезбедува учесниците во платните системи да не се принудени да се потпрат врз постоечките или потенцијалните конкуренти за плаќање. Овие аргументи коишто се несовладливи уште од почетоците на централното банкарство, најверојатно ќе обезбедат натамошно влијание на модерните системи за плаќање врз монетарната политика, како и позитивни ефекти врз стабилноста на финансиските системи во целост.
Ви благодарам на вниманието.