ОБРАЌАЊЕ НА ГУВЕРНЕРОТ ДИМИТАР БОГОВ НА ВТОРА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ: „ПОСТАВЕНОСТА НА ПОЛИТИКИТЕ И ГЛОБАЛНОТО ОКРУЖУВАЊЕ: НОВ КОНСЕНЗУС ОД КРИЗАТА?", СКОПЈЕ, 26 АПРИЛ 2013 ГОДИНА
Дами и господа,
Почитувани гости,
Дозволете ми да ви посакам добредојде на нашата втора конференција за истражување која вообичаено ја организираме на годишнината од монетарното осамостојување на Република Македонија. Веруваме дека темата на овогодишната конференција е актуелна, во согласност со постојаните дискусии меѓу централните банкари, истражувачки и академски институции ширум светот.
Во последните неколку години, глобалната економија доживеа значителни промени, и во рамки на институционалната структура и во поставеноста на политиката. Сведоци сме на турбуленции во финансиските пазари, пропаѓања на банки и должничка криза која ги зафати економиите во светот и која беше речиси единствена според нејзината големина, а глобалната економија сѐ уште се обидува да закрепне. И по пет години глобална криза, можеме да кажеме дека искусивме многу, и се надевам, научивме многу. Една од главните лекции од кризата беше токму поврзана со темата на конференцијата - потребата од интеракција на политиките како вид на консензус кој произлегува од кризата.
Што претставува интеракција на политиките?
Во почетната фаза на финансиската криза беше истакната важноста на макропрудентните политики во вкупниот микс на политики, со што се обрна големо внимание на интеракцијата на монетарната и макропрудентната политика, пренесувајќи ја главната порака дека ценовната стабилност и финансиската стабилност се меѓусебно поврзани. Во последните неколку години, со појавата на суверениот долг и банкарската криза во евро-зоната, беше очигледно дека лошото управување со јавните финансии може да претставува закана за финансискиот систем. Финансиската нестабилност и слабите јавни финансии потенцијално може да имаат негативни последици врз финансиските пазари, предизвикувајќи дисторзии во трансмисиониот механизам на монетарната политика и доведувајќи до сериозни макроекономиски нерамнотежи. Потребата од поврзување на политиките станува неопходен предуслов за утврдување и спроведување на стабилно макроекономско управување.
Во поспецифична ситуација од вообичаеното, кога улогата на традиционалните инструменти беше ограничена, монетарната политика почна да спроведува неконвенционални мерки. Иако монетарната политика во регионот не е ограничена со каматни стапки со нулта долна граница, централните банки, исто така, преминаа кон неконвенционални алатки на монетарната политика, со оглед на потенцијалните ризици од повторно влошување на екстерните нерамнотежи и инфлаторните притисоци, или со цел поддршка на други цели (вклучувајќи го и кредитниот раст). Наведувајќи ги искуствата од неконвенционалните мерки преземени од страна на централните банки, разликуваме: мерки за зголемување и менување на составот на средствата во билансот на централните банки во различни форми и со висока хетерогеност во земјите, како и мерки за влијаење врз очекувањата на субјектите, со силна посветеност на централните банки да одржуваат ниска каматна стапка во подолг временски хоризонт.
Во областа на јавните финансии, зајакнувањето на фискалната дисциплина и потребата од внимателно следење на фискалната одржливост може да се сметаат како суштинско превентивно оружје против фискалните нерамнотежи кои ја обележуваат оваа криза. Фискалната консолидација е веќе на листата на цели на ЕУ, а за постигнување на оваа цел ќе бидат потребни сериозни напори и внатрешни приспособувања. Кон средината на кризата, потребата од фискално прилагодување го наметна контроверзното прашање за негативното влијание врз динамиката на закрепнување и раст, што навистина беше едно од клучните прашања во управувањето со кризи. Фискалниот стимул очигледно го потпомогна заздравувањето во земјите каде што имаше простор за тоа, но гледајќи нанапред, потребата од фискална консолидација треба да се сфати сериозно.
Финансиската стабилност, не само на национално ниво, туку и во меѓународни рамки, доста често е цитирана како општо добро и затоа ние треба да се грижиме за неа. Треба да се посвети внимание на дистрибуцијата на ризикот меѓу финансиските институции, како и на движењето на агрегатното ниво на ризик. Регулаторниот одговор на кризата беше насочен кон зајакнување на стабилноста на банките, како и кон утврдување на третманот на системски важните банки што секако бара од властите да посветат посебно внимание. Системскиот ризик бара системски и сеопфатни решенија, вклучувајќи ги и промените во институционалната поставеност. Во ЕУ тоа е направено преку воспоставување на механизми за управување со кризи, зајакнување на управувањето со цел да се следат и да се спречат какви било макроекономски нерамнотежи, како и премин кон банкарска унија. Земјите членки на ЕУ и институциите се соочуваат со многу предизвици при операционализацијата на новата институционална поставеност и при вршење на потребните приспособувања во разумна временска рамка. Покрај тоа, сите други земји се соочуваат со предизвикот на примена на лекциите од кризата во активностите на политиката.
Менување на улогата на централните банки
За време на кризата, централните банки преминаа од традиционалниот начин на спроведување на монетарната политика кон комбинирање на целите на монетарна и финансиска стабилност, кои претставуваат комплементарни елементи на макроекономската стабилност. Сетот на инструменти стана посложен заради неконвенционалните мерки, дизајнирани со цел да придонесат за премостување на периодот на вонредни околности при што влијаат врз ефикасноста на стандардните инструменти, и се насочени кон зајакнување на финансиската стабилност или економско заздравување. Бидејќи земјите преземаат разни неконвенционални мерки, се уште е тешко да се процени нивното влијание, иако искуствата на земјите би можеле да го потврдат широко прифатениот консензус дека "монетарниот стимул" навистина ја поддржа економијата. Сепак, треба да бидеме свесни дека во еден момент во иднината, нивниот придонес ќе биде исцрпен и ќе треба да преземеме соодветни мерки на време, со цел да се спречат какви било негативни ефекти.
При утврдување на политиката и во процесот на донесување одлуки во рамките на сегашниот динамичен амбиент, зајакнувањето на аналитичките алатки и збогатувањето на знаењето за поврзаноста на политиките се исклучително важни. Интеракцијата на монетарната, фискалната и макропрудентната политика е сосема нова област, која бара подлабока истражувачка работата со цел да се поддржи процесот на донесување одлуки во централните банки и други креатори на политики, да обезбеди соодветни совети и препорака за политиката, а со тоа и да ги спречи основните ризици. Целта на нашата конференцијата е да придонесе кон градење на знаење и размена на ставови во врска со поврзаноста на политиките. Имајќи го предвид квалитетот на трудовите кои ќе бидат презентирани денес, навистина се надевам дека ќе дадеме наш придонес кон оваа цел.
Ви посакувам успешна конференција и плодна дискусија!
Ви благодарам.