Врз основа на Одлуката за доделување Годишна награда за млади истражувачи бр. 02-15/III-16/2011 од 31 март 2011 година, О. бр. 02-15/VIII -7/2014 од 31 јули 2014 година и О. бр. 02-24947/4 од 8 јули 2024 година, а согласно со Правилникот за начинот, постапката и условите за избор на најдобар труд и доделување Годишна награда за млади истражувачи бр. 2927 од 13 април 2011 година, Пр. бр. 7762 од 20 септември 2012 година, Пр. бр. 28175 од 5 септември 2014 година, Пр. бр. 26412 од 30 јули 2015 година, Пр. бр. 02-14684/11 од 10 јуни 2020 година и Пр. бр. 02-18550/1 од 21 јуни 2021 година, Народната банка на Република Северна Македонија објавува
Конкурс за доделување годишна награда на Народната банка на Република Северна Македонија за 2025 година
Заради поттикнување на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи, како и афирмација на млади и стручни кадри, Народната банка на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Народната банка) доделува Годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банките и банкарските системи.
Право за учество на Конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија на возраст до 35 години. Вработените во Народната банка и членовите на Советот на Народната банка немаат право на учество на Конкурсот.
Трудот треба задолжително да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 80.000 карактери со празните места (без фуснотите, прилозите, графиконите, табелите, апстрактот, библиографијата, анексите) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување, коешто ги содржи следниве основни делови:
- апстракт;
- осврт на консултираната литература од областа којашто се истражува;
- опис на методите на истражување коишто се користат во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Еден автор има право да поднесе само еден труд. Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Авторите имаат право да конкурираат на Конкурсот за избор на најдобар труд и со трудови коишто веќе биле објавени, но не пред 1 јануари 2023 година. При поднесувањето труд којшто веќе бил објавен, авторот треба да наведе кога и каде бил објавен трудот.
Трудовите се поднесуваат до Народната банка со назнака: „За Годишната награда на Народната банка на Република Северна Македонија“, по електронски пат, во формат „word“, на е-адресата: [email protected]. Покрај трудот, авторот треба да достави и биографски податоци. Доставените трудови ќе имаат третман на материјали со доверлив карактер.
Одборот за оценување го врши изборот на најдобар труд преку вреднување на трудовите коишто во целост ги исполнуваат критериумите наведени во конкурсот.
Трудовите се вреднуваат според следниве критериуми:
1. Релевантност на истражуваното подрачје за македонскиот случај;
2. Соодветност на освртот на литературата од анализираното подрачје;
3. Јасност во дефинирањето на проблемот и на целите на истражувањето;
4. Соодветност на описот на контекстот и информациите (соодветност на анализата на трендовите во анализираното подрачје во Република Северна Македонија);
5. Соодветност на користениот статистичко-економетриски пристап;
6. Конзистентност и логичност на тезите во трудот;
7. Заклучоци и препораки и нивна соодветност.
Годишната награда на Народната банка за прворангираниот труд (прва награда) изнесува 130.000,00 денари, нето.
Доколку Одборот за оценување оцени дека второрангираниот труд е исто така со квалитет близок до прворангираниот, Народната банка може да додели и втора награда, во износ од 65.000,00 денари, нето.
Доколку Одборот за оценување оцени дека прворангираниот труд, иако има највисока оцена, сепак не е со потребниот највисок квалитет, Народната банка може да додели само втора награда.
Доколку Одборот за оценување смета дека ниеден од трудовите не ги исполнува условите за добивање награда, Народната банка може да не ја додели Годишната награда.
Краен рок за доставување на трудовите е 1 февруари 2025 година.
Народната банка ќе ја извести јавноста за наградениот труд преку соопштение, а наградата ќе биде врачена на настан организиран од Народната банка. Наградениот труд ќе биде објавен на веб-страницата на Народната банка. Добитникот/добитниците на наградата ќе бидат поканети да го презентираат наградениот труд/трудови на настан во организација на Народната банкa.
Скопје, јули 2024 година