Скопје, 27.4.2012 година
КОНФЕРЕНЦИЈА НА НБРМ ПО ПОВОД НА 20-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ ОД МОНЕТАРНОТО ОСАМОСТОЈУВАЊЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Воведно обраќање на гувернерот Димитар Богов: Предизвиците на земјите од Југоисточна Европа во постојните економски и финансиски турбуленции во евро-зоната
Почитуван заменик-премиере, почитувани министри, почитувани гувернери, ваши екселенции, почитувани гости, драги колеги и пријатели,
Чест ми е да ве поздравам и да ви посакам добредојде на денешната конференцијата, којашто е дел од активностите во рамките на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј од монетарното осамостојување на Република Македонија. Изминатите две децении на монетарна самостојност, Народната банка на Република Македонија се соочи со многу предизвици коишто, сметаме, успешно ги совлада. Воедно, и дваесетгодишниот јубилеј го одбележуваме во една исклучително турбулентна епизода од развојот на глобалната економија, особено одбележана со настаните поврзани со должничката криза во евро-зоната. Значи, повторно, ние, но и другите централни банки од регионот, сме исправени пред предизвик. Имајќи го предвид временскиот момент, темата на денешната конференција се наметна сосема природно, па затоа сметаме дека ќе побуди интересна дискусија на актуелни теми коишто ги засегаат централните банки од регионот на Југоисточна Европа и пошироко. Во оваа прилика, оставајќи повеќе простор за дискусија на Панелот на гувернери и за презентациите на реномирани претставници од меѓународните институции и централните банки во регионот, јас само накусо ќе се осврнам на оценката за тоа како се справуваше регионот со кризата досега и какви поуки можат да се извлечат од неа.
Како се справуваше регионот со кризата досега?
Во изминативе близу пет години на кризен период во светската економија, главно, можеме да разграничиме два потпериода. Првиот кризен бран, од втората половина на 2007 година, дојде од американската економија и беше главно одбележан со криза на хипотекарните пазари и колапс на големи инвестициски банки, што понатаму предизвика и дестабилизација на меѓународните финансиски пазари и влошување на очекувањата на економските субјекти. Вториот кризен бран, од средината на 2010 година, дојде од европската почва и е препознатлив под терминот „должничка криза во евро-зоната“. Таа се одрази со нови нарушувања на финансиските пазари, зголемена недоверба меѓу пазарните учесници, пораст на трошоците за финансирање и потреба од докапитализација на банкарскиот сектор. Значи, вториот бран доаѓа од блиското опкружување на нашиот регион, но сепак може да се каже дека земјите од регионот го пребродуваат овој период со релативно помали последици. Едно од можните објаснувања за ова е фактот што за разлика од периодот на првиот кризен бран, земјите од регионот го пречекаа вториот кризен бран главно со помалку нерамнотежи во економиите, односно со поголем простор за приспособување на надворешното окружување.
Сепак, дури и ако соочувањето со почетоците на кризата во евро-зоната беше побезболно, не значи дека сите опасности се надминати. Прогнозите за 2012 година, исто така, се во знакот на неизвесноста и потенцијалните негативни последици од настаните поврзани со кризата во евро-зоната. Во услови на претежно неповолни очекувања за европската економија, перспективите за раст на земјите од регионот се исто така неизвесни и придружени со надолни ризици, со оглед на релативно високата трговска поврзаност со Европската Унија. Намалената странска побарувачка, во комбинација со намалени капитални текови кон регионот, наметнуваат потреба од соодветно приспособување на домашната побарувачка со цел да се обезбеди одржлива надворешна позиција. Во овој контекст, во некои земји ќе биде неопходна и соодветна фискална консолидација. Продлабочувањето на европската должничка криза, серијата надолни ревизии на кредитните рејтинзи на неколку меѓународни банки, променливоста на берзите, како и неизвесноста околу идните настани ја разнишаа довербата на инвеститорите во глобални рамки, со што прашањето за финансирање на дефицитите станува сe поактуелно и нужно бара зголемена претпазливост.
Покрај макроекономските остварувања, во фокусот на вниманието беше, и сѐ уште е, финансиската стабилност. Новиот ризик за финансискиот сектор што го наметна европската должничка криза е директната или индиректната изложеност кон грчки долг и потенцијалните загуби врз оваа основа. Вториот ризик е поврзан со намалената достапност на средства за финансирање од странските матични банки, кога дел од нив се соочуваат со потреба за докапитализација. Ваквите состојби упатуваат на дополнителни ризици во однос на динамиката на кредитната активност во земјите од Југоисточна Европа, особено во оние каде што заемите од странските банки имале значајна улога во формирањето на кредитниот потенцијал. Третиот ризик е повеќе индуциран од влијанијата од глобалните случувања врз постепеното влошување на макроекономските остварувања во економиите од регионот, коишто понатаму предизвикуваат влошување на квалитетот на кредитното портфолио на банкарскиот систем, што пак, несомнено се одразува или ќе се одрази врз нивните натамошни активности и резултати од работењето.
Да резимирам во врска со првото прашање - регионот релативно успешно се справува со кризата во евро-зоната досега, но ризиците се сe уште присутни, многу прашања се сe уште отворени, па оттука и будноста на креаторите на политиките мора да остане на високо ниво.
Какви поуки можеме да извлечеме од досегашниот тек на кризата?
Финансиската криза помести многу традиционални сфаќања во економијата, вклучително и околу улогата и целите на монетарната власт, при што покрај водењето на монетарната политика и грижата за ценовната стабилност, дојде до израз и потребата за поактивно ангажирање на централните банки во одржувањето на финансиска стабилност во економијата. Кризниот период, во светски рамки, веројатно најмногу досега во светската историја, изобилува со примери, и тоа во најголем број успешни, на примена на мерки на претпазливост од различен вид, модификации во стандардниот инструментариум и примена на нестандардни мерки на монетарната политика. Потребата од сеопфатно следење на ризиците во економијата и поголема флексибилност во однос на динамиката и видот на преземените мерки, се разбира притоа водејќи сметка за основните монетарни цели, е веројатно една од основните поуки од кризата.
Економската теорија јасно упатува на фактот дека финансискиот систем е значаен фактор на економскиот раст, а новиот елемент што јасно го порача последната криза, како што заклучува и претседателот на Бундесбанката, Вајдман, во едно свое неодамнешно обраќање[1], е потребата од „добро осмислена регулаторна реформа“. Во спротивно, развиениот и, во денешни услови, нашироко глобализиран финансиски систем може да стане кочница на економскиот раст. Затоа, иако кризата ни е сe уште секојдневие, финансиските институции се веќе исправени пред нови пакети на банкарски стандарди, а националните регулатори се соочени со предизвикот за нивното спроведување во националната регулатива.
Должничката криза во евро-зоната доведе до воспоставување нова фискална рамка во Европската Унија и нагласување на потребата од фискална консолидација. Фискалните нерамнотежи не се одржливи на долг рок и тоа е постулат којшто е валиден и за земјите од регионот, особено во земјите каде што фискалната консолидација е клучна за одржување на макроекономската рамнотежа.
Покрај овие, во досегашниот тек на кризата собравме и многу други искуства поврзани со чувствителноста на пазарите, брзината на пазарната реакција на промените во развојот на кризата, како и бавниот реверзибилен процес во однос на обновувањето на довербата на пазарните учесници. Поуките и искуствата извлечени од кризата треба да ни помогнат поуспешно да се соочиме со идните предизвици.
Заклучок
Дозволете ми да заклучам дека оваа криза ни ги прошири видиците, ни наметна нови погледи во однос на осмислувањето на политиките, ни ја зголеми меѓусебната зависност во глобалната економија. Земјите од Југоисточна Европа, коишто и онака имаа многу предизвици на патот кон Европската Унија, веројатно во иднина ќе се соочуваат со нови моменти, наметнати од тековните концепциски промени во Унијата. Во секој случај, во земјите од Југоисточна Европа и натаму треба да продолжат заложбите за здрави макроекономски политики, коишто неизбежно треба да бидат придружени со структурни реформи што треба да овозможат поквалитетна структура и структурна флексибилност на економиите. Тоа е основниот предуслов не само за побрза интеграција кон Европската Унија, туку и за здрав и одржлив развој на долг рок.
Почитувани гости,
Ние денес, на денешната конференција, отвораме дискусија на теми коишто веќе се, и веројатно уште подолго време ќе останат, во фокусот на интересот на централните банки на земјите од регионот. Начнуваме крупни прашања коишто ќе го задржат вниманието и ќе ги активираат енергијата и расположливите ресурси во многу институции во регионот и пошироко, во периодот што доаѓа. Ве поканувам, преку денешните презентации и дискусијата што ќе следи, да дадеме мал придонес во конципирањето и дефинирањето на главните пристапи во однос на соочувањето и справувањето со идните предизвици на регионот.
Ви благодарам за вниманието и ви посакувам успешна конференција!