Кредитен регистар
ИЗВЕСТУВАЊЕ
Согласно со Одлуката за изменување на Одлуката за единствената тарифа на надоместоци за услуги што ги врши Народната банка на Република Северна Македонија, од 5 мај 2020 година престанува да важи обврската за уплата на тарифата за издавање на податоците од Кредитниот регистар.
Како и досега, барањата за издавање податоци од Кредитниот регистар се поднесуваат лично од барателот или полномошникот, преку писарницата на Народната банка, на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр.1, во Скопје, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот.
Во овој период, заради состојбата со пандемијата на ковид-19, податоците од Кредитниот регистар се издаваат само во вторник и четврток, во периодот од 15 до 16 часот, преку писарницата на Народната банка. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден.
Извештај со податоци на физичките лица од Кредитниот регистар на Народната банка на Република Северна Македонија
Народната банка го има воспоставено и го води Кредитниот регистар, согласно со член 39 од Законот за Народната банка на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр. 158/2010, 123/2012, 43/2014, 153/2015 и 6/2016).
Банките и штедилниците доставуваат податоци и информации до Народната банка за водење на Кредитниот регистар. Корисници на Кредитниот регистар се Народната банка и банките и штедилниците коишто имаат добиено дозвола за основање и работење од гувернерот на Народната банка.
Во согласност со Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар („Службен весник на РМ“ бр. 186/13, 74/15 и 77/15), банките се должни да достават податоци за сите домашни и странски банки, нерезиденти, сите домашни небанкарски финансиски институции, сите останати домашни нефинансиски институции со вкупна изложеност на кредитен ризик над 300 илјади денари, како и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица коишто согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци, со вкупна изложеност на кредитен ризик над 5 илјади денари.
Штедилниците задолжително доставуваат поединечни податоци за сите правни лица со вкупна изложеност на кредитен ризик над 50 илјади денари и за сите домашни физички лица, трговци поединци, физички лица кои согласно со Законот за трговските друштва не се сметаат за трговци, со вкупна изложеност на кредитен ризик над 5 илјади денари.
Народната банка ги користи податоците од Кредитниот регистар како дел од спроведувањето на својата супервизорска функција, од аспект на анализа на кредитниот ризик на кој се изложени банките и штедилниците во своето работење. Банките и штедилниците ги користат податоците од Кредитниот регистар како помошно средство во оценка на кредитната способност на секој нов или постоен клиент кредитокорисник.
Напоменуваме дека податоците содржани во Кредитниот регистар не можат да бидат единствена основа за донесување судска одлука или друга одлука што произведува правно дејство спрема некое лице или значително го засега тоа лице. Во случај на нецелосни, неточни или неажурирани лични податоци, барателите на податоци треба да се обратат во банката/штедилницата којашто ги доставила личните податоци и којашто треба да ги изврши соодветните измени во доставените податоци.
Извештајот што го издава Народната банка на барање на физичките лица содржи податоци за износот на обврските и институциите коишто ги имаат пријавено на последниот датум на доставување податоци од страна на банките/штедилниците. Покрај ова, извештајот содржи и збирен податок за обврските на барателот како жирант.
Поднесување барање
Извештајот може да го побара физичко лице лично или преку полномошник. Тој е со информативен карактер и не може да послужи за остварување одредена корист за барателот. Податоците се издаваат единствено за кредитната изложеност на физичките лица.
Народната банка одговара само на барањата коишто се поднесени во формата пропишана во Упатството за спроведување на Одлуката за содржината и начинот на функционирање на Кредитниот регистар.
Согласно со Упатството, барањата се поднесуваат лично од барателот или полномошникот, преку писарницата на Народната банка, на бул. „Кузман Јосифовски-Питу“ бр.1, во Скопје, секој работен ден, во периодот од 8:30 до 15:45 часот.
Образецот за барањето и полномоштвото може да се подигнат на портирницата на Народната банка или се преземаат од интернет-страницата на Народната банка (
преземи образец).
Поднесување на барањето преку полномошник
Доколку извештајот се бара преку полномошник, задолжително се приложува полномошно заверено на нотар. Образецот за полномоштво, коешто се однесува единствено на добивање податоци од Кредитниот регистар, се презема од портирницата на Народната банка или од интернет-страницата на Народната банка (преземи образец).
Извештај од Кредитниот регистар не се издава на ополномоштеници, чиишто полномоштва не се специфицирани за барање податоци од Кредитниот регистар.
Одговори во врска со поднесените барања
Одговорите, односно извештаите се издаваат во форма на пропишан образец. Издавањето на одговорите, во овој период, заради состојбата со пандемијата на ковид-19 се врши во вторник или четврток, во периодот од 15 до 16 часот. Рок за изработка на одговорот на поднесеното барање е пет работни дена. По изработката на барањата, вработените од Народната банка контактираат со барателите или со овластените лица на телефонските броеви за контакт коишто се запишани во барањето. Во случаите кога барателот не е жител на Скопје, доколку барањето е поднесено до 11 часот, извештајот со податоците се изработува и се издава во текот на истиот работен ден.
Подигање на одговорите врз основа на поднесените барања
Одговорите, односно извештаите врз основа на барањата поднесени од физичките лица се подигаат лично или преку ополномоштеник. Барателот го потврдува својот идентитет со прикажување валиден документ за лична идентификација (лична карта или пасош). Кога одговорот го подига ополномоштеното лице, тоа се легитимира со валиден документ за лична идентификација (лична карта или пасош).
При подигањето на одговорите врз основа на поднесените барање, лицето коешто го подига извештајот се потпишува на примерокот од одговорот којшто останува во Народната банка. Примерокот што му се дава на барателот, задолжително, заради личните податоци, се издава во затворен плик.
Народната банка нема да изврши повторно издавање извештај во период пократок од 30 дена, односно во период помеѓу два извештајни датума во кој банките/штедилниците немаат извршено измени во базата на податоци.