Дебатен форум на тема „Перспективите за младите лица од полноправното членство на земјата во НАТО и ЕУ ‒ влијанија врз монетарната политика, бизнисот и пазарот на капитал“
Почитувани,
Дозволете ми да го изразам моето задоволство и благодарност за денешната покана да бидам дел од оваа група на еминентни говорници на овој дебатен форум, организиран од страна на Институтот за бизнис и менаџмент, Хајделберг ‒ Скопје. Темата на денешниот форум е важна димензија за просперитетот на нашето општество, економијата и целокупната благосостојба. „По дождот доаѓа сонце“ е добро познат израз и приклучувањето кон една голема, хетерогена и просперитетна заедница, каква што е Европската Унија, треба да биде нашето „сонце“ тогаш кога се соочуваме со тешкотии на патот кон посилна и побрза економска и социјална конвергенција.
Уште од почетокот на процесот на транзиција, Европската Унија претставува многу важно институционално, економско и политичко сидро за целиот регион. Самиот претпристапен процес за влез во Унијата обезбедува клучни алатки и насоки коишто го поддржуваат и го зајакнуваат целокупниот реформски процес во една земја, а со тоа се зајакнуваат нејзините фундаменти и таа станува добро подготвена за моментот на полноправно членство. Денес, мојата улога е да се осврнам на она што значи влезот во ЕУ за монетарната политика и какви ефекти може да има за нас како централна банка. Еден аспект од ова прашање е како би можело членството да влијае врз економијата во целина, а со тоа и со какви предизвици би можеле да се соочиме како еден од носителите на макроекономските политики. Вториот аспект го задира прашањето на ефектите од членство во монетарната унија, бидејќи економската интеграција е чекор кон монетарната интеграција и усвојувањето на еврото како единствена валута.
Во однос на првиот аспект, најверојатно најдобриот начин да се извлечат заклучоци е преку согледување на искуството на другите транзициски економии коишто веќе го поминаа процесот на европска интеграција. Влезот во ЕУ, на кој му претходеше силен бран на структурни и институционални реформи коишто ги зајакнаа фундаментите, значително ја подобри перцепцијата и ја зголеми довербата во овие земји, намалувајќи ги нивните премии за ризик. Тоа овозможи силен прилив на капитал, којшто ја поддржа нивната натамошна реална и финансиска конвергенција. Сепак, постеше голема диференцијација во придобивките коишто економиите ги исползуваа од овој зголемен пристап до странско штедење, коешто, пак, за мали економии е клучен суплемент на недоволното домашно штедење. Во некои од овие земји, финансиските текови се насочија во продуктивни сегменти на разменливи добра, доведувајќи до позитивни промени во производната структура, раст на продуктивноста и конкурентноста, што придонесе за значително забрзување на реалната конвергенција и повисоки нивоа на доход. Но, кај дел од нив странскиот капитал се насочи кон непродуктивни сектори, односно финансиските текови канализирани преку банкарскиот или небанкарскиот сектор доведоа до прекумерно финансирање на личната потрошувачка, т.е. до прегревање на економиите, што предизвика засилени инфлациски и платнобилансни притисоци поткопувајќи ја внатрешната и надворешната рамнотежа и придонесувајќи за значително побавна конвергенција. Ова создаде и предизвици за носителите на политиките, вклучително и за централните банки. Појавата на глобалната криза беше „природна кочница“, а во некои економии и болна корекција на овие неодржливи економски матрици.
Во овој момент, кога зад нас ја имаме глобалната криза и сите лекции научени од оваа кризна епизода, мислам дека како носители на политиките сме поумешни мудро да ги искористиме придобивките од влезот во ЕУ и подобро да се справиме со претстојните предизвици. Со оглед на структурата и карактеристиките на македонската економија, ЕУ е наша природна економија сидро, со која и тековно имаме релативно висок степен на трговска и финансиска интеграција. Повеќе од 70% од нашата вкупна трговска размена е со земјите на ЕУ, банките во странска сопственост главно се од ЕУ, а најголемиот дел од финансиските текови, вклучително и странските директни инвестиции, исто така, потекнуваат од ЕУ. Многу поважно е тоа што овие финансиски текови се во најголем дел насочени кон попродуктивни сегменти ориентирани кон извоз, коишто ги зацврстија фундаментите на економијата, го поттикнаа растот и не придонесоа за инфлациски притисоци или притисоци врз девизните резерви. Овој модел всушност е и најсоодветниот модел на конвергенција и по приклучувањето кон ЕУ. Помалку потпирање на краткорочните нестабилни финансиски текови, а поголем фокус на подолгорочен и стабилен капитал е единствениот начин како да се зголеми продуктивноста на економијата и да се подобри нејзината конкурентност. Продуктивноста на македонската економија е само околу 40% од германската продуктивност, што јасно ја нагласува потребата за здрави капитални приливи коишто ќе помогнат во затворањето на овој јаз, а нема да предизвикаат инфлациски притисоци. Многу често, влезот на големиот заеднички пазар на стоки, услуги, капитал и труд на ЕУ, не само што е поврзан со побрз раст и реална конвергенција, туку е поврзан и со конвергенцијата во ценовните нивоа. Со зголемувањето на платите и постепениот премин кон потрошувачката на поскапи услуги, нивото на цените може да се зголеми, што секако претставува предизвик за монетарната политика. Овие поголеми ценовни притисоци може да се избегнат токму преку зголемувањето на продуктивноста, што секако ќе создаде и поповолен амбиент за монетарната политика, без притисоци врз каматните стапки.
Вториот аспект што треба да се посочи е влијанието на влезот на ЕУ врз понатамошната монетарна интеграција, усвојувањето на еврото како единствена валута и улогата што ја има националната централна банка во овој контекст. Пристапувањето во ЕУ за НБРМ автоматски би значело учество во Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ). На ваков начин ние започнуваме многу побрзо да се приближуваме до Европа во областа на централното банкарство. Како централна банка ќе бидеме дел од многу комитети, поткомитети и работни тела на ЕСЦБ, што е суштинска компонента за зајакнување на институционалниот капацитет за носење политики. Ова е од витално значење за идните чекори, бидејќи членството во ЕУ, за мала и отворена економија, со високо ниво на евроизација и фиксен девизен курс, неизбежно ќе наметне потреба од многу сериозни подготовки за усвојување на еврото. За тоа е потребно да се помине таканаречениот „тест-период“, со членство во механизмот на девизни курсеви (МДК) најмалку две години, испорачувајќи стабилна валута, понатаму испорачување на инфлација и долгорочни каматни стапки споредливи со оние во ЕУ и дисциплинирани јавни финансии. Сиве овие се критериуми за конвергенција кон еврото, коишто на крајот всушност се сведуваат на стабилна и здрава економија и дисциплинирана монетарна и фискална политика, како предуслови за непречено монетарно интегрирање.
Оттука, пристапувањето во ЕУ не само што ќе ги олесни трговијата и финансиите и ќе го олесни движењето на луѓето, туку и ќе ги отвори вратите за постепено придвижување кон единствената валута. Придобивките од усвојувањето на еврото се добро познати, особено за земја којашто веќе има фиксен девизен курс, што значи полесна транзиција. Единствената валута ги елиминира валутниот ризик и трансакциските трошоци, а со тоа ја олеснува трговијата на стоки и услуги. Тоа, исто така, може да ги намали трошоците за финансирање, овозможувајќи полесен пристап до финансиите и подобри можности за носење деловни одлуки. Единствената валута и учеството во монетарната унија ѝ обезбедуваат на земјата поддршка во случај на финансиски тешкотии и оневозможен пристап до меѓународните пазари преку т.н. европски механизам за стабилност. Се разбира, усвојувањето единствена валута во принцип значи откажување од можноста за водење сопствена монетарна политика, што самото по себе ја апострофира потребата од синхронизиран економски циклус на нашата земја со ЕУ, со што монетарната политика на ЕЦБ би била соодветна и за нашата економија. Во основа, овој трошок е помал во споредба со придобивките од единствениот пазар и единствената валута, под претпоставка дека сите политики ќе бидат доволно прудентни за да обезбедат здрави основи и стабилност и синхронизираност на економијата.
Да резимирам, интеграцијата во ЕУ е процес којшто ќе ги зајакне и ќе ги обликува реформите во многу области, поткрепувајќи го процесот на реална, социјална и институционална конвергенција на земјата. Тоа ќе влијае и врз носењето на монетарната политика, и пред и по завршната фаза на целосна монетарна интеграција. Предизвиците за централната банка се повеќедимензионални ‒ макроекономски, институционални и оперативни. Соодветното управување со овие предизвици ќе бара силен институционален капацитет и свесност за сите носители на политики дека за непречена интеграција е потребна здрава економија, отсуство на нерамнотежи и прудентни економски политики.
Ви благодарам.