Состојбата претставува позиција на директните инвестиции на крајот на одреден период и вклучува податоци за сопственички капитал (со реинвестирање на добивката) и за должнички инструменти. 
Во зависност од структурата на директните инвестиции, статистичкото истражување на НБРСМ за директните инвестиции во земјата опфаќа податоци за состојбата на новите, постојните и останатите инвестиции. Новите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во нови претпријатија (гринфилд-инвестиции). Постојните инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од вложување во постојни претпријатија преку преземање претпријатија или спојување на претпријатија. Останатите инвестиции ја прикажуваат вредноста на сопственичкиот капитал (вклучително и реинвестирањето на добивката) којашто произлегува од основање подружници, филијали, фондации и останато.
Податоците за состојбата на директните инвестиции се вреднуваат по книговодствена вредност. Промените во состојбата помеѓу два извештајни периода произлегуваат од: трансакции, ценовни и/или курсни промени и промени во обемот. 


Најнови остварувања:

На 31.12.2018 година, состојбата на директни инвестиции во Република Северна Македонија изнесува 5.307 милиони евра (или 49,6% од БДП) од кои 4.042,5 милиони евра се вложувања во сопственички капитал, додека 1.264,6 милиони евра се вложувања во должнички инструменти. 
Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции, во вредност од 739,6 милиони евра се регистрирани од Обединетото кралство, по што следува Австрија, со директни инвестиции во вредност од 687,1 милион евра. Во групата на пет најголеми странски инвеститори во земјата спаѓаат и Грција, Холандија и Словенија. На овие пет земји отпаѓа 51% од вкупните директни инвестиции во анализираниот период.
Анализирано по дејности на инвестирање, од вкупните директни инвестиции, 2.071,2 милиони евра или 39% се инвестирани во дејноста „Производство”,  додека 1.007,7 милиони евра или 19% во дејноста „Финансиски и осигурителни активности”.













За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 103 (или 110/108)