Во рамки на активностите за поддршка на развојот на истражувачката и аналитичката работа, Народната банка на Република Македонија го формираше Клубот на истражувачите во јули 2011 година. Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и дискусија на научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата.

Народна банка објавува постојан повик до истражувачите да поднесат сопствен труд до Клубот, вклучително и оние во работна верзија. Трудовите треба да бидат изработени согласно со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира солидна емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето, важни за носителите на политиките, но и за академските кругови. 

Истовремено, се повикуваат сите аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, како и студентите и останатите заинтересирани да присуствуваат на сесиите на Клубот како дискутанти или како слушатели. На овој начин се овозможува квалитетна и отворена дискусија меѓу истражувачите, носителите на политиките, аналитичарите од финансиските институции и другите учесници. Исто така, преку размената на мислења се обезбедува унапредување на научно-истражувачката работа во земјата. 

Зачленувањето во клубот е од отворен карактер и истото може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: KocalevaM@nbrm.mk. Членовите на Клубот добиваат редовно известување по електронска пошта за сесиите на Клубот на истражувачи.