Дизајн на книжните пари во апоен од 10 денари

Димензии: 126 мм х 63 мм

Издание: 2018 година

Аверс 


На предната страна на парата е претставено мермерно торзо на египетската божица Изида (2 век п.н.е.) коешто е откриено во Охрид, во една од култните градби посветени на божицата Изида. Изида била божица на плодноста и на мајчинството, а била заштитничка на природата и на магијата. Таа била обожувана и почитувана и надвор од границите на Египет, дури и на македонската почва, за што сведочат и бројните култни места, меѓу кои и храмот во древниот град Стоби којшто ѝ е посветен нејзе.

На левата половина од парата е вметната претстава на златна обетка во чунеста форма, која датира од 4 век п.н.е. Таа е откриена во гроб на млада принцеза, пронајден кај с. Беранци, Битолско и претставува врвно дело на тогашното златарство.

Во левиот горен дел е претставен еден дел од јонски капител од раниот 6 век, додека во левиот долен дел е илустрирана мермерна биста на Тит Флавиј Филоксен (2 век), добротвор и правосвештеник на градот Хераклеја Линкестидска (Битола).

Реверс 


Паунот, кој е главниот мотив на задната страна на парата, претставува детаљ од подниот мозаик на крстилницата на Епископската базилика во античкиот град Стоби (4 - 5 век). Оваа базилика всушност е и најстариот христијански храм во Македонија. Пауните ги симболизираат воскресението, бесмртноста и вечниот живот. 



                                        

Дизајн на книжните пари во апоен од 50 денари

Димензии: 129 мм х 63 мм

Издание: 2018 година

Аверс


Основниот мотив на предната страна на парата е монета којашто била кована во времето на Јустин II. Јустин II го наследил византискиот престол по смртта на Јустинијан I во 565 година. Неговите пари се чест наод на локалитетите во Македонија. Монетата е урамена во декоративна арка, која е преземена од црквата Св. Пантелејмон (1164 година), с. Горно Нерези, Скопје и претставува еден од најубавите примери за камена резба.

На левата половина од парата е претставен триаголен бронзен приврзок, кој датира од 7-6 век п.н.е. кој е пронајден на локалитетот Сува Река - Парагон, Гевгелија. 

Во левиот горен дел од парата е претставен Архангел Гаврил, додека во левиот долен дел се поставени две преплетени крилести змии, кои претставуваат детаљ од двокрилната плитко резбана врата од црквата Св. Јован Претеча (16 век), с. Слепче, Демир Хисар.

Реверс 


На задната страна на парата е претставен Архангел Гаврил, детаљ преземен од олтарната фреска Богородица со Исус Христос на престол, од црквата Св. Ѓорѓи (1911 година), с. Курбиново, Ресен. Целосната слика се состои од приказ на Богородица на престол со разиграниот Исус во рацете. Лево од нив е Архангел Гаврил, а десно, Архангел Михаил. Фрескосликарството во црквата Св. Ѓорѓи претставува ремек-дело на византиската уметност на Комнените во Македонија.