Надгледувањето на платните системи од страна на НБРМ е законски дефинирана функција. Согласно со Законот за платен промет, надгледувањето на платните системи е насочено кон постигнување на целите поврзани со сигурноста и ефикасноста на платните системи преку процес на следење на постојните и планираните аранжмани, проценувајќи ги нив наспроти целите и политиките. Надгледувањето на платните системи од страна на НБРМ е составен дел на нејзините пошироки одговорности за спроведување на монетарната политика и одржување на финансиската стабилност.

При извршувањето на надгледувањето се анализира рамката на платните системи за управување со правните, кредитните, ликвидносните, оперативните и други ризици. Доколку платните системи не управуваат со ризиците ефикасно и ефективно, нивното функционирање претставува значителен ризик за финансискиот систем. Тие можат да бидат потенцијален извор на нестабилност, како и да предизвикаат големи системски нарушувања. Интензитетот, обемот и видот на надгледување на платните системи од страна на НБРМ зависи од проценката на ризиците кај платниот систем.

Примарната одговорност за доверливото функционирање на платниот систем е кај операторите на системот. Поради тоа, се очекува од операторите да обезбедат соодветна стабилност на нивните системи. За редуцирањето на оперативниот ризик, НБРМ инсистира на техничка сигурност, преземање модерни безбедносни мерки, интерни контроли, обезбедување непрекинатост во работењето од аспект на ресурсите и податоците и понатамошна целосна усогласеност најмалку со главните барања на стандардите за работа на платните системи, според класификацијата на платниот систем. Оттука, надгледувањето ја развива свесноста кај операторите на платните системи за распознавање на критичните точки.

НБРМ може да поттикне промени, односно да предложи измени на правилата, дизајнот или функционалноста на платните системи или околината во којашто тие работат, заради отстранување, намалување или подобро управување со ризиците.