Заштитните слоеви на капиталот се макропрудентни инструменти, чијашто основна намена е зајакнување на солвентната позиција на банките и нивна поголема отпорност на непредвидени загуби во работењето. На тој начин се зајакнува и стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, но и на целокупниот финансиски систем.

Во согласност со Законот за банките, покрај законските барања за висината на адекватноста на капиталот, утврдени врз основа на регулативата на Народната банка и врз основа на супервизорска оцена и/или корективна мерка изречена од Народната банка, банките се должни да одржуваат и соодветен износ на капитал за покривање на т.н. заштитни слоеви на капиталот. Станува збор за четири вида заштитни слоеви на капиталот: 

1) Заштитен слој за зачувување на капиталотПочнувајќи од 1 март 2017 година, сите банки во земјата се должни постојано да го одржуваат заштитниот слој за зачувување на капиталот во висина од 2,5% од активата пондерирана според ризиците. Овој заштитен слој е пропишан со Законот за банките, се однесува на сите банки во земјата и за неговото воведување нема посебна методологија. 

2) Противцикличен заштитен слој на капиталотПротивцикличниот заштитен слој на капиталот е наменет за заштита на банките од ризиците од циклични промени пред сѐ од промените во кредитниот циклус. Вообичаено, овој заштитен слој се воведува или се зголемува во периоди на значителен кредитен раст, а се намалува или се ослободува во периодите кога ќе се промени кредитниот циклус. Имено, во услови на висок кредитен раст, за банките се воведува обврската да го зголемуваат нивото на капитал со кое располагаат. Ваквата обврска, од една страна ја подобрува способноста на банките за покривање на кредитните загуби коишто можат да произлезат од високиот кредитен раст, а од друга страна, придонесува и за намалување на тој раст, бидејќи ги зголемува трошоците на кредитирањето. При промени во циклусот, по правило, се ослободува обврската за исполнување на противцикличниот заштитен слој на капиталот, што значи дека банките можат да го користат овој заштитен слој за покривање на кредитните загуби коишто вообичаено се јавуваат во надолната фаза од циклусот, а истовремено ги намалува трошоците за кредитите што влијае врз обемот на кредитната побарувачка. На овој начин, противцикличниот заштитен слој на капиталот придонесува за намалување на т.н. процикличност во финансискиот систем.

Висината на противцикличниот заштитен слој на капиталот се утврдува врз основа на т.н. специфична стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот, којашто претставува пондериран просек на стапките на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банката кон одделни земји. Во согласност со Законот за банките, Народната банка има право да пропише различни стапки на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите кон клиенти од различни земји, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија. Народната банка ја утврдува висината на овој заштитен слој на капиталот врз основа на следење повеќе показатели за системскиот ризик, поаѓајќи од основниот показател − отстапувањето на соодносот меѓу кредитите одобрени на нефинансискиот сектор од земјата и бруто домашниот производ од неговиот долгорочен тренд, но и бројни други дополнителни показатели, како што се показателите за финансиските пазари, отпорноста на банкарскиот систем, домашната економија, пазарот на недвижности и слично. Анализата на дополнителните показатели е подеднакво важна, бидејќи ги открива другите извори на ризици, што не се директно поврзани со динамиката на кредитниот циклус, а може да ја поттикнат цикличната природа на кредитниот ризик.

Начинот на утврдување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од Република Северна Македонија и на специфичната стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот, како и начинот на воведување и промени на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од Република Северна Македонија се определени во Одлуката за методологијата за утврдување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложености во Република Северна Македонија.

Извршниот одбор на Народната банка на квартална основа утврдува дали има потреба да не се воведе, да се воведе, да се намали или да се  ослободи противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Северна Македонија, врз основа на што носи одлука за висината на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот за изложеностите во Република Северна Македонија. Народната банка на својата интернет-страница ја објавува висината на стапката на противцикличен заштитен слој на капиталот, заедно со датумот на примена, за изложеностите во Република Северна Македонија и за изложеностите кон други земји. 

3) Заштитен слој на капиталот за системски значајни банкиЦелта на заштитниот слој на капиталот за системски значајни банки е да ја зголеми отпорноста на банките коишто се идентификувани како системски значајни банки на неочекувани шокови или загуби коишто можат да настанат во текот на нивното работење. Воведувањето дополнителен износ на капитал којшто треба да го одржуваат системски значајните банки не е показател за нивната поголема ризичност во однос на другите банки во системот, туку произлегува единствено од нивната значајност за целокупниот банкарски систем. Поголемата солвентност на системски значајните банки и нивната поголема отпорност придонесува за зајакнување на стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем, а со тоа и на вкупната економија. 

Врз основа на Одлуката за методологијата за идентификување системски значајни банки и Упатство за спроведување на Одлуката за методологијата за идентификување системски значајни банки, Народната банка врши идентификување на системски значајните банки во Република Македонија и објавува листа на идентификувани системски значајни банки.

4) Заштитен слој на капиталот за системски ризикВоведувањето на овој заштитен слој на капиталот има за цел да го ограничи ризикот од нарушување на финансискиот систем или домашната економија, поради активностите што ги вршат една или повеќе банки во земјата или поради ризиците на кои се изложени. Обврската за исполнување на стапката на системскиот заштитен слој на капиталот може да се воведе за сите, за една или за повеќе банки во земјата. Таа може да се движи од 1% до 3% од активата пондерирана според ризиците и може да биде различна за различни банки или групи банки. 

Начинот на утврдување на одделните заштитни слоеви на капиталот е усогласен со барањата на т.н. Базел 3 и соодветната Европска директива. Пропишаните заштитни слоеви на капиталот можат да се исполнуваат само со позиции од редовниот основен капитал коишто не се користат за покривање на законските барања за висината на адекватноста на капиталот, утврдени врз основа на регулативата на Народната банка или врз основа на корективна мерка изречена од Народната банка (т.н. вишок на редовен основен капитал). Банката којашто нема доволен износ на редовен основен капитал за покривање на вкупниот износ на заштитните слоеви на капиталот (односот помеѓу вишокот на редовниот основен капитал и вкупниот износ на заштитните слоеви на капиталот е помал од 100%), е ограничена во однос на максималниот износ на распределба на резултатот од работењето (добивката), и тоа:

- не смее да изврши распределба на резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е помал или еднаков на 25% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;

- може да распредели 20% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 25%, но помал или еднаков на 50% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;

- може да распредели 40% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 50%, но помал или еднаков на 75% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;

- може да распредели 60% од резултатот од работењето, доколку вишокот на редовниот основен капитал е поголем од 75%, но помал од 100% од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот;

- нема ограничување на распределбата, доколку вишокот на редовниот основен капитал е еднаков или поголем од вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот.

Ова ограничување се применува сѐ додека банката не го покрие вкупниот износ на заштитни слоеви на капиталот со вишокот редовен основен капитал (т.е. редовниот основен капитал којшто останал по исполнувањето на пропишаната стапка на адекватноста на капиталот). 

Закон за банките 

Листа на идентификувани системски значајни банки 

Одлуки за поставеноста на противцикличниот заштитен слој на капиталот