Задолжителната резерва е инструмент на монетарната политика на Народната банка, којшто ги обврзува банките и штедилниците да издвојуваат средства на сметките кај централната банка. Основни функции на инструментот се стабилизирање на краткорочните каматни стапки на пазарите на пари, управување со понудата на пари и нивото на кредитна мултипликација и намалување на структурниот вишок на ликвидност.  

Основата за задолжителната резерва ја сочинуваат обврските на банките во денари, во денари со валутна клаузула и во девизи и обврските на штедилниците во денари и во денари со валутна клаузула и се пресметува како просек од обврските за секој ден од календарскиот месец којшто е утврден како основа во Индикативниот календар. 

Задолжителната резерва на банките во денари се пресметува како збир на износот утврден од обврските во домашна валута и 15% од износот утврден од обврските во странска валута. При утврдувањето на задолжителната резерва во денари, основата за задолжителна резерва од обврските на банките во домашна валута се намалува за износот на побарувањата врз основа на новоодобрени кредити на правните лица наменети за финансирање на проекти за изградба на нови објекти или за зголемување на инсталираната моќност на постојните објекти за домашно производство на електрична енергија од обновливи извори. Задолжителната резерва во денари банките ја исполнуваат на просечно ниво од средствата на сметките на банките кај Народната банка.

Задолжителната резерва на банките во девизи се утврдува на ниво од 85% од износот пресметан од обврските во странска валута и 100% од износот утврден од обврските во домашна валута со валутна клаузула. Задолжителната резерва на банките во девизи се исполнува: 85% во евра на фиксно ниво на посебни девизни сметки на Народната банка во странство и 15% во евра на просечно ниво на девизна сметка во евра во МИПС. 

Задолжителната резерва на штедилниците во денари се пресметува од обврските во денари и од обврските во денари со валутна клаузула. Штедилниците ја исполнуваат задолжителната резерва на посебни сметки кај Народната банка на фиксно ниво.

Периодите на одржување на задолжителната резерва се утврдени во Индикативниот календар на периоди на одржување на задолжителна резерва во денари и евра за банките и штедилниците.

Стапките на задолжителна резерва на банките и штедилниците се прикажани во табелата:

Обврски                               

Стапка на задолжителна резерва

Се применува од:

Обврски со договорна рочност до 2 години:



-       во домашна валута

8%

24.07.2024

-       во домашна валута со валутна клаузула

100%

01.11.2023

-       во странска валута

21%

20.12.2023

Обврски со договорна рочност над 2 години:



-       во домашна валута

0%

12.06.2024

-       во домашна валута со валутна клаузула

100%

12.06.2024

-       во странска валута

5%

12.06.2024

Исклучок:




-       обврски кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над една година*



0%



01.09.2015

-         обврски по репо-трансакции во домашна валута

0%

11.01.2012

* на обврските кон физички лица во домашна валута со договорна рочност над две години се применуваше стапка 0% од 11.01.2012 година



--------------------------------------------------------------------------------
Задолжителна резерва-историски податоци 

Индикативен календар на периоди на одржување на задолжителна резерва во 2025 година