Заднинските операции се интерни операции на Народната банка поврзани со порамнување на склучените трансакции на финансиските пазари, и опфаќаат: обработка, потврдување и порамнување на трансакциите, сметкодствено евидентирање и усогласување на состојбата на сметките на парични средства и хартии од вредност.
Заднинските операции се во функција на спроведување на монетарната политика и управување со девизните резерви. Во однос на монетарната политика, заднинските операции ги поддржуваат следниве инструменти: операции на отворен пазар, задолжителна резерва, расположливи депозити, расположлив кредит преку ноќ и интрадневен кредит. Истовремено, при управување со девизните резерви Народната банка склучува промптни, термински и своп-трансакции со девизи и злато, дефинитивни и репо-трансакции со хартии од вредност, позајмување на хартии од вредност и дериватни финансиски инструменти. Притоа, за порамнување на трансакциите поврзани со овие инструменти Народната банка ги користи воспоставените кореспондентни односи со странски централни и комерцијални банки и странски депозитари на хартии од вредност.