Вреднување
Народната банка, како надлежен орган за решавање, е одговорна да обезбеди извршување објективна и реална процена на вредноста на средствата и обврските на банката, во следниве случаи:
-
пред да ја започне постапката за решавање, заради утврдување дали е исполнет еден од условите за решавање банка (т.н. процена бр. 1);
- за потребите на одлучувањето во однос на активностите за решавање, односно избор помеѓу одделните инструменти за решавање и финансиските ефекти од тие активности (т.н. процена бр. 2);
- заради утврдување дали акционерите и доверителите на банката којашто се решава би биле во поповолна положба доколку над банката била отворена стечајна постапка (т.н. процена бр. 3).
Сите три процени треба да се засноваат на конзервативни претпоставки и треба да бидат извршени од независен проценител, односно друштво за ревизија, овластен ревизор или проценител којшто ги исполнува условите за независност во однос на банката, во однос на кое било државно тело/орган и во однос на Народната банка.