Статистика на финансиските сметки
Финансиските сметки се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство. Финансиските сметки се изработуваат на неконсолидирана и консолидирана основа. Состојбите ја претставуваат вредноста на поседуваните финансиски средства и неплатените, преостанати финансиски обврски, на крајот на извештајната година. Разликата помеѓу нив ја претставува „нето финансиската вредност“ на соодветниот сектор/потсектор, односно на вкупната економија. Со други зборови, нето финансиската вредност (НФВ) е еднаква на разликата помеѓу вкупните финансиски средства и вкупните финансиски обврски на вкупната економија/поодделен сектор. Доколку националната економија/сектор има вишок финансиски средства, тогаш НФВ е позитивна, односно економијата/секторот е „нето-доверител“. Доколку националната економија/сектор има недостиг од финансиски средства, тогаш НФВ е негативна, односно економијата/секторот е „нето-должник“.
Податоците се искажани во домашна валутa (во милиони денари).
Остварувања во финансиските сметки
Вкупната нето финансиска вредност (НФВ) на националната економија е негативна и на крајот на третиот квартал од 2024 година изнесува 582,7 милијарди денари, или 65,4% од БДП, што претставува продлабочување за 0,9 п.п. во однос на претходниот квартал. Во однос на крајот на претходната година, негативната НФВ е продлабочена за 6 п.п., како резултат на влошената позиција на нефинансиските и финансиските друштва, во услови на подобрена нето-позиција на домаќинствата.
Од секторски аспект, домаќинствата и секторот „странство“ се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата), коишто се нето-должници. Истовремено, финансискиот сектор има речиси избалансирана нето финансиска позиција. Прочитај повеќе...

Извор: Народна Банка на Република Северна Македонија
Ревизии на податоци
Во октомври 2023 година, со подготовката и објавувањето на кварталните податоци се направи и ревизија на временската серија на годишни податоци од 2016 година наваму, која произлезе од подобриот опфат, промена на изворите на податоци и нови и подобрени пресметки за одредени инструменти. Наведените ревизии не доведоа до поголеми промени на нето финансиската вредност на домашната економија.




Архива на годишни финансиски сметки
За подетални информации во врска со објавените статистички податоци, контактирајте нѐ на [email protected] или на телефон 02 3215 181 локал 144 (или 110/108)