Што е финансиската стабилност и како се одржува?
Под финансиска стабилност се подразбира состојба во која сите сегменти од финансискиот систем функционираат без нарушувања и имаат капацитет да издржат потенцијални неочекувани шокови што може да потекнуваат или од надворешното окружување, или, пак, од самиот финансиски систем. Финансиската стабилност подразбира дека финансискиот систем е стабилен и сигурен во сите негови сегменти, дека е способен сигурно и ефикасно да ги извршува плаќањата и да обезбедува непречено финансиско посредување со нефинансискиот сектор, а притоа има прудентен пристап кон оцената и управувањето со ризиците и добра подготвеност за справување со шоковите.
Постигнувањето и одржувањето на финансиската стабилност се остварува преку спроведување на макропрудентната политика.
Под терминот макропрудентна политика вообичаено се подразбира збир на активности со кои се придонесува за намалување и спречување на системските ризици и зајакнување на отпорноста на системот на шокови, што се клучни предуслови за одржувањето на финансиската стабилност. Специфично за макропрудентната политика е што има макро или системски пристап, односно е насочена кон финансискиот сектор во целина или кон негови значајни делови. По ова се разликува од супервизорските и регулаторните политики, коишто се насочени кон одржувањето на стабилноста и сигурноста на поединечните финансиски институции и поради тоа уште се познати како микропрудентни политики.
Покрај системскиот опфат, друга значајна одлика на макропрудентна политика е прудентноста во делувањето. Макропрудентната политика има проактивен пристап, односно е насочена кон рано идентификување и спречување на можните ризици. Ова се постигнува со промовирање на најдобрите практики на управувањето со ризиците и преземање навремени мерки што ќе спречат нивно таложење во билансите на финансиските институции и прелевање од еден во друг сегмент на финансискиот систем. Со мерките на макропрудентната политика всушност би се спречило ризиците да прераснат во системски и со тоа да го загрозат функционирањето на целиот финансиски систем. За одржувањето на финансиската стабилност и намалувањето на системските ризици, макропрудентната политика е насочена и кон зајакнување на отпорноста на финансискиот систем на шокови, што подразбира јакнење на капацитетот за ублажување на шоковите и полесно надминување на кризните состојби.
Системските ризици може да произлезат како последица на силни макроекономски шокови што доаѓаат од окружувањето и може да влијаат врз работењето и активностите на финансиските институции. Извор на системски ризик може да биде и самиот финансиски систем, во случај на непрудентно управување со ризиците што би довело до таложење нерамнотежи во билансите на финансиските институции. Прекумерниот кредитен раст, високата задолженост и рочната неусогласеност на билансите, се некои од примерите на извори на системски ризик што потекнуваат од работењето на финансиските институции. Меѓусекторската поврзаност помеѓу институциите во финансискиот систем е исто така важен извор на системскиот ризик, поради ризикот од зараза и прелевање на шоковите од еден во друг сегмент.
Системските ризици, доколку се остварат, може да го загрозат нормалното функционирање на финансискиот систем и да ја нарушат способноста за обезбедување на финансиските услуги, дури и до точка што значително би ги влошила економските перспективи и општата благосостојба на економиите.
Затоа е важна макропрудентната политика, во чија основа е да ја одржува финансиската стабилност. Кога финансискиот систем е стабилен и сигурен, тој полесно може да им се спротивстави на шоковите и да спречи да се прелеат во финансиски и економски кризи.
Покрај макропрудентната политика, финансиската стабилност е под влијание, директно или индиректно, и на останатите политики, како што се микропрудентната политика, монетарната и фискалната политика. Бидејќи секоја од овие политики влијае врз финансиските и реалните остварувања и врз финансискиот систем како целина, важно е да постои координираност на политиките.