Решавање
Во согласност со Законот за Народната банка на Република Северна Македонија, Народната банка е надлежна за спроведување подготвителни активности за решавање банка, започнување на постапката на решавање и примена на инструментите и овластувањата за решавање банка. Извршниот одбор на Народната банка одлучува за започнување постапка на решавање банка и за примена на инструментите и овластувањата за решавање банка, во согласност со закон.
Законот за решавање банки е донесен во согласност со Европската директива 2014/59/ЕУ за формирање рамка за закрепнување и решавање кредитни институции. Со Законот се поставува рамката за решавање банки, којашто заедно со супервизијата и мерките за рана интервенција, шемата за осигурување депозити и улогата на централната банка за обезбедување ликвидносна поддршка во исклучителни ситуации, ги претставува четирите столба на т.н. мрежа за финансиска заштита.
Решавањето банка се спроведува заради остварување на следниве цели:
− обезбедување непрекинатост во извршувањето на критичните функции на банката;
− избегнување значително негативно влијание врз стабилноста на финансискиот систем;
− заштита на јавните средства преку сведување на можноста за користење вонредна јавна финансиска помош на минимум;
− заштита на депонентите коишто имаат покриени депозити;
− заштита на паричните средства и другите средства на клиентите на банката.
Правилата и постапката за решавање во овој закон се применуваат само на оние банки за кои е утврдено постоење јавен интерес, односно коишто поради својата големина, системска значајност, но и критичните функции коишто ги извршуваат имаат значајно влијание врз финансиската стабилност и реалниот сектор. По правило, решавањето на банката е од јавен интерес ако се работи за системски значајна банка. Банките коишто не извршуваат критични функции и за кои би се оценило дека нивниот престанок со работа нема да предизвика позначителни негативни последици врз финансиската стабилност, нема да бидат предмет на решавање во согласност со овој закон, подлежат на стечајна постапка којашто би се спровела во согласност со Законот за банките и Законот за стечај.
Главните начела во Законот за решавање се дека во постапката за решавање банка, загубите од работењето на банката прво се покриваат од страна на акционерите и другите доверители, по обратен редослед од редоследот на намирување на побарувањата во стечајната постапка на банка, при што ниту еден доверител не треба да има поголеми загуби од оние коишто би ги имал доколку над банката се отвори стечајна постапка.
