Народната банка на Република Северна Македонија ја приспособува поставеноста на монетарната политика, за да обезбеди одржување на ценовната стабилност, како законски дефинирана основна монетарна цел. За остварувањето на основната цел, Народната банка применува монетарна стратегија на целење на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Освен за ценовната стабилност, Народната банка води грижа и за одржувањето на финансиската стабилност во земјата, како законска цел, подредена на примарната. Тоа значи дека при дефинирањето и носењето на монетарните мерки, Народната банка настојува тие да придонесуваат и за одржување стабилен и конкурентен финансиски систем ориентиран кон пазарот. Народната банка ја поддржува и општата економска политика без да го загрози остварувањето на примарната цел и во согласност со принципот на отворена пазарна економија со слободна конкуренција.

Заради остварување на монетарните цели, Народната банка располага со различни инструменти за монетарно регулирање. Основен инструмент на монетарната политика на Народната банка претставува основната каматна стапка на Народната банка, а тоа е каматната стапка на благајничките записи на Народната банка. Народната банка носи одлуки за нивото на основната каматна стапка на редовна основа, во согласност со Индикативниот календар на седниците на Извршниот одбор за монетарната политика (почнувајќи од јуни 2024 година, во согласност со измените и дополнувањата на Законот за Народната банка од 10 април 2024 година, а претходно на седниците на Комитетот за оперативна монетарна политика − КОМП) на коишто се одлучува за поставеноста на монетарната политика. Тоа значи дека на редовна основа се анализираат последните расположливи податоци за клучните макроекономски и финансиски показатели и нивното значење во контекст на тековните макроекономски проекции. Исто така, се преоценуваат ризиците и веројатноста за нивно остварување и врз основа на сите овие информации, се носи оцена за поставеноста на монетарната политика.

Одлуките за нивото на основната каматна стапка се објавуваат преку соопштение за јавноста на интернет-страницата на Народната банка. Соопштението содржи краток систематизиран преглед на клучните фактори и размислувања што биле земени предвид при носењето на конкретната одлука. Подетаљни информации за видувањата и оцените на Народната банка поврзани со процесот на носење на монетарните одлуки може да се најдат во рамките на два различни извештаи, Кварталниот извештај на Народната банка и Најновите макроекономски показатели ‒ преглед на тековната состојба. Анализите дадени во овие два извештаи ја формираат основата на информациите што се користат при носењето на монетарните одлуки, а се јавно објавени на увид на пошироката јавност. Со нивното објавување, Народната банка настојува да придонесе за полесно разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од страна на пошироката јавност, поефикасно следење и оцена на остварувањата на монетарната политика и поефективна монетарна трансмисија. 

Кварталниот извештај се подготвува и се објавува четирипати во годината. Кварталниот извештај содржи анализа на најновите макроекономски движења, ја обработува поставеноста на монетарната политика во соодветниот квартал и факторите што влијаеле врз неа, а вклучува и прилози со анализи посветени на актуелни теми од областа на макроекономијата, финансиите и монетарната политика. Најважен елемент на Извештајот се макроекономските проекции, како значајна алатка во процесот на носење на монетарните одлуки и тие се изготвуваат двапати годишно, во мај и ноември.  

Извештајот Најнови макроекономски показатели ‒ преглед на тековната состојба ги анализира најновите информации за макроекономските остварувања во земјата и во странство и нивните влијанија врз оценетиот макроекономски амбиент, во согласност со последниот циклус макроекономски проекции, како и врз поставеноста на монетарната политика на Народната банка во периодот помеѓу двата циклуса на сеопфатни макроекономски проекции.